1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНасадете лешници, а раце ќе триете по 4 години – што ви...

Насадете лешници, а раце ќе триете по 4 години – што ви е потребно за ваков бизнис?

Поседувате плодно земјиште, а немате време да се занимавате со земјоделство? Дали некогаш сте размислувале да одгледувате лешници со оглед на тоа што тие се едни од најисплатливите плодови на нашите простори? Ако досега не сте размислиле, сега е време да го сторите тоа, бидејќи со не многу голема мака ќе имате чист профит по само 5 до 10 години откако сте ги насадиле лешниците.

Денар разговараше со 53-годишниот Љупчо од Велес, кој веќе со години се занимава со одгледување лешници, а како што вели, потребни му биле околу 7 години за да разработи сериозен бизнис и да заработува за живот.

– Одгледувам лешници во едно велешко село и многу сум задоволен од овој бизнис. Лешниците се овошна култура која носи многу поволности за земјоделците, бидејќи имаат голема побарувачка, но и држат висока цена на пазарот. Јас работам со сортата „Трилобата“, која е самопрашна и родна сорта. Оваа сорта дава квалитетни и крупни плодови, кои се барани на извозните пазари. Лешникот е долгорочна инвестиција која почнува да носи приход по само 4-5 години, а својата максимална родност ја достигнува по 7 години. Во моментов поседувам 2 хектари земјиште насадено со лешници, но планирам да докупам ниви во близина на моите и да ги насадам со истата сорта – објаснува нашиот соговорник.

Тој вели дека и „лешникарството“ си бара работа и посветеност, а како што додава, човек ќе згреши ако мисли дека потребно е само да ги насадите дрвјата и по неколку години да го соберете плодот.

– Одгледувањето лешници е интересен и профитабилен бизнис, но работата си носи и свои предизвици и искушенија. На пример, многу важни се климатските услови, бидејќи лешниците се чувствителни на мраз, на суша, ветер и на град. Затоа, потребно е да се изберат сорти коишто се прилагодени на нашата клима, а потребно е да се обезбеди и адекватно наводнување и заштита од атмосферските непогоди. Тука се и болестите и штетниците кои ги напаѓаат лешниците. Затоа, потребно е да се спроведува редовна заштита со органски или со хемиски препарати, да се постават мрежи или стапици за одбрана од глодари, а треба постојано да се следи и состојбата на листовите на дрвјата. Во однос на почвата, лешниците бараат плодна, длабока и дренирана почва, па затоа потребно е да се изврши подготовка на земјиштето пред садењето, да се прихрани со органски или со минерални ѓубрива и редовно да се корне тревата околу стеблата. Лешниците се берат кога плодовите ќе почнат да паѓаат од стеблата. Затоа, потребно е да се следи зреењето на плодовите. После бербата, лешниците треба да се складираат на студено и на суво место за да не го загубат квалитетот и свежината – објаснува Љупчо.

На прашањето што му е потребно на еден млад човек за да започне бизнис со одгледување лешници, тој нè почасти со неколку совети:

– Најпрво треба да изберете место за садење лешници, бидејќи, како што реков, лешниците бараат плодна, длабока и дренирана почва, но сакаат и сонце. Се препорачува садењето да се одвива на есен, неколку месеци пред да фати мразот. Второ, изберете добра сорта која ќе одговара на нашето поднебје. Сортата „Трилобата“ e самопрашна и родна сорта, па набавете садници со веќе развиен коренов систем. Подгответе ја почвата и ископајте дупки за садење. Дупките треба да бидат со димензии 40х40х40 сантиметри и треба да се наполнат со арско ѓубре. Засадете г лешниците на растојание од 5 метри каде што ќе се движи тракторот и 4 метри од дрво до дрво. Обезбедете систем за наводнување капка по капка, ограда за заштита од глодари и мрежа за заштита од птици. Лешниците бараат редовно наводнување, особено во периодот на формирање на плодовите. Одржувајте го насадот чист од плевел, болести и од штетници. За сето ова, доколку ја поседувате почвата и не треба да плаќате кирија, потребни ќе ви бидат неколку илјади евра. Според моите пресметки, на површина од 1 хектар потребни се 600 садници со лешници. Цената на една садница изнесува 3 евра, но државата преку ИПАРД програмата за нов насад покрива 60 отсто од сумата – објасни нашиот соговорник.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП