3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрговците минуваат цели ноќи на Кванташки – често се враќаат дома со...

Трговците минуваат цели ноќи на Кванташки – често се враќаат дома со празни раце

Не им е воопшто лесна работата на трговците со овошје и со зеленчук, кои се приморани робата секојдневно да ја набавуваат од Кванташкиот пазар. За разлика од порано кога со едно одење на кванташки успевале да наполнат цело комбе со роба, посочуваат тие, сега на пазарот се нуди многу мала количина производи, а побарувачката е иста.

Како што раскажуваат препродавачите, оваа година затворени се над 200 магацини на Кванташкиот пазар, па сите трговци од Скопје и од околината својата роба ја набавуваат од вкупно 50 магацини.

Уште рано наутро, велат тие, таму се прави голема гужва, а робата се распродава за само неколку часа. Ако сакате да набавите добра роба, најдобро е да пристигнете таму уште во 3 часот по полноќ и да бидете меѓу првите што ќе добијат шанса да испазарат. Ако појдете во 6 или во 7 часот наутро, појаснуваат трговците, тогаш за вас нема да остане ништо и ќе начекате празни камиони и магацини.

– Дури и да појдете во 3 часот по полноќ на Кванташки, голема е веројатноста дека ќе начекате роба на којашто пишува „продадено“, бидејќи сите трговци бркаат врски за набавка. Јас секое утро одам таму и можам да признаам дека честопати се враќам со празни раце. Со оглед на тоа што мојата тезга се наоѓа во руралниот дел на Скопје, единствената шанса ми е да купам роба од пазарите и да ја продавам по повисока цена. Цените се многу високи, не знам уште колку долго ќе издржам со тезгата, бидејќи ќарот е многу мал. Понекогаш се јавувам кај некои мои соработници од Кванташки и резервирам неколку гајби со зеленчук и со овошје, но знам дека бадијала резервирам оти без размислување ќе им ги дадат на други трговци кои ќе понудат повеќе пари. Никогаш не ни помислував дека и оваа работа еден ден ќе се сведува на трчаници и бркање врски – ни изјави Благојче Најдовски од Скопје.

На Кванташкиот пазар само 10 проценти од понудата е домашно производство, а сè останато е увоз од странство. Се увезува кромид, сливи, зелка, краставици, домати, па и компири.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП