4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖено, пали камионот, имаме тура за возење!

Жено, пали камионот, имаме тура за возење!

И покрај тоа што се смета за една од најплатените професии во Европа, сепак, сѐ потешко и потешко им е на компаниите за транспорт да најдат стабилен возач на камион кој ќе прифати поголемиот дел од својот живот да го помине во камионската кабина, да јаде сува храна, да се капе еднаш во неделата, да спие на душек зад воланот…

Денар разговараше со 55-годишниот Горан од Штип, сопственик на три шлепери кои постојано циркулираат на релација Данска-Шведска-Норвешка.

Еден од трите камиони го вози самиот тој, а другите два, како што објаснува, ги вози „кој стигне“.
Не можам да најдам возачи, никој не сака да работи. На луѓето им нудам месечна плата од 3.000 евра, ама ретко кој прифаќа. Не е лесна работата и тие многу добро го знаат тоа. Постојано си сам во кабина, сам јадеш, сам пиеш, сам си зборуваш, сам си пееш. Далеку си од семејството и долго време си отсутен од дома. Тоа им е најголемиот проблем на луѓето. Замислете да сте маж на 30-40 години, да имате мали дечиња и убава сопруга дома, а вие постојано да сте на автопат. А сѐ друго им е дадено на тацна, не мора ни јазик да знаат. Сите информации ги добиваат на компјутер, каде да товарат, а каде да истоварат. Нивно е само да полнат гориво и да возат – објаснува нашиот соговорник.

Тој вели дека со дефицит на професионални возачи на камиони се соочува цела Европа, односно и многу големи и сериозни компании кои вртат сериозни пари од турите.

Но, токму поради ваквиот дефицит, забележува тој, сѐ поголем е бројот на брачни другари кои прифаќаат да работат како возачи на камиони за една иста компанија.

Има многу брачни другари кои возат еден ист камион. Тоа се најчесто сопруг и сопруга чии деца се израснати и полнолетни, немаат други обврски, па се решиле на ваков живот и на ваков начин на заработка. Баш пред неколку месеци запознав еден таков пар во Шведска. И двајцата беа вработени во иста компанија и задолжени беа за истиот камион. Значи, отприлика двајцата добиваат по 3.000 евра месечно, а постојано се менуваат со возењето и побрзо ја вршат работата. Ем тие се среќни заедно, ем сопствениците на фирмата се задоволни од завршената работа – појаснува Горан.

Тој вели дека има чуено оти и брачен пар од Македонија од неодамна почнал да вози камион на територијата на Германија, но како што ни вети, во наредниот период ќе се обиде да ги пронајде луѓето и да ни испрати нови информации.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП