Хармонизирањето на националното со европското законодавство во областа на платните системи беше најважната цел од Стратегијата за развој на платните системи, од што произлезе носењето на Законот за платежни услуги и платни системи. Законот почна да се применува од почетокот на оваа година, додека Народната банка донесе 26 подзаконски акти за негова примена. Регулативата ќе придонесе за поттикнување на конкуренцијата и иновациите и зголемување на заштитата на потрошувачите. „Севкупно, создадовме правна рамка за новата генерација технологии којашто ќе ги поддржи иновациите и ќе ги направи плаќањата поедноставни, посигурни и поевтини“, истакнува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во интервју за меѓународната е-публикација „Вести на централните банки во платежната сфера“.
Величковски вели дека новата законска регулатива би ги трансформирала платните системи, пред сѐ преку поттикнување на конкуренцијата и внесување нови даватели на платежни услуги. Имено, ако порано само банките можеа да даваат платежни услуги и само одредени институции можеа да даваат услуги за прекуграничен трансфер на пари, тоа сега се менува. Директорот на Дирекцијата за платни системи нагласува дека низ годините, а особено по пандемијата, има висок раст на употребата на платежните картички во трговијата, како и на употребата на мобилните апликации за пренос на парични средства. Овие трендови во иднина ќе се поддржат и ќе се поттикнат со воведувањето на отвореното банкарство кај нас, коешто ќе донесе повеќе придобивки за корисниците на платежните услуги.

