2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТоа што ќе си насадам, тоа ќе си јадам – дедо Воислав...

Тоа што ќе си насадам, тоа ќе си јадам – дедо Воислав од Прилепско е „махер“ за органско производство

75-годишниот Воислав Младеноски од Прилеп скоро цела деценија се занимава со органско земјоделство, односно произведува исклучиво органски производи без да користи ни грам хемија.

Тој произведува органски грав, грашок, пиперки, тикви, домати, краставици, компири, кромид, лук, а одгледува и аронија, бере органски јаболка, сливи, круши…

Младеноски живее на неколку километри надвор од градот, па како што вели, освен тоа што не користи хемиски средства за прихранување, дополнителна благодат е тоа што воздухот е чист, а и водата со којашто наводнува е планинска.

Работи заедно со своето семејство, има обработлива површина од 5.000 квадратни метри и секоја година има повеќе од доволно род, но, како што потенцира, никогаш не размислувал за да обезбеди пласман на органското производство за домашен или за странски пазар.

– Со органско земјоделство започнав да се занимавам пред десетина години кога заминав во пензија. Воопшто не ми е тешко, работата ме исполнува, а задоволството е неописливо тогашкога природата ќе ме награди со голем род. Секако, голема помош имам од сопругата Јана и од децата Славче и Никола. Ова го правиме за наша душа и воопшто не сме размислувале да развиваме некаков бизнис, иако, како што знам, органските производи се продаваат како алва насекаде во светот, па и во Македонија. Со семејството живеевме 10 години во Австралија, јас и сопругата добиваме и странска пензија, така што не ни е дојдено до барање начини за заработка по секоја цена. Се обидуваме енергијата да ја насочиме кон работата и сами да си произведуваме храна и да не зависиме од никој. Мене ми е доволно тоа што знам дека моите деца се хранат со чиста и органска храна и дека не се трујат со разни хемии, пестициди, ѓубрива – раскажува Младеноски.

Тој вели дека понекогаш продава храна, но во мали количини и на луѓе за кои е сигурен дека не ја купуваат за да ја препродаваат.

– Продавам органски јајца од кокошка, а понекогаш знам да продадам и по некоја вреќа компири, јаболка или грашок. Тоа не е некоја голема заработувачка, ама понекогаш е убаво да се подмират некои трошоци. Тешко е да се биде земјоделец, искрено ви кажувам. Во летните периоди честопати снемува вода, реките пресушуваат, планинските извори го намалуваат капацитетот. Исто така, се појавуваат штетници, а јас не сакам да користам никакви средства за да ги уништам. Растенијата честопати заболуваат и од разни болести, па ги лекувам и ги негувам на мој начин, со природни средства. Не е воопшто лесно, ама некако успеваме да излеземе на крај со сите предизвици и искушенија – вели Младеноски.

Побарувачката за органски производи на светско ниво се зголемува со многу брзо темпо.

Најголеми потрошувачи се Швајцарија, Германија, Велика Британија, Луксембург и Данска.  

Побарувачката е голема и во САД и во Канада.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП