5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните се растрчаа по „евтино“ огревно дрво – кубикот може да надмине...

Граѓаните се растрчаа по „евтино“ огревно дрво – кубикот може да надмине 100 евра во сезона?

На летото веќе почна да му се наѕира крајот, а за граѓаните тоа е знак дека е време да започнат со купување огревно дрво за топлење на своите домови преку зимата.

На секој домаќин му се брза што поскоро да го набави огревот, оти во овој период цените се пониски отколку во сезона, а и потребно ќе биде време за да се исцепат дрвата, да се наредат на суво место и во зима да бидат подготвени за греење.

Огласи за продажба на огревно дрво веќе започнаа да се споделуваат на социјалните мрежи, а цената за еден кубен метар дрво изнесува околу 4.500 денари со вклучен превоз.

Денар разговараше со вработени во стовариште на територијата на Ѓорче Петров, каде што се нуди огревно дрво – бука.

– Засега продаваме само бука, а цената за еден метар квадратен е 4.500 денари, превозот е на наша сметка. Сè е легално, нема лажење, а за купените дрва ќе добиете и официјален документ. Се зборува дека цената на огревното дрво ќе расте и наесен сигурно ќе достигне цена повисока од 100 евра за кубик, па затоа сега сите трчаат за да нарачаат. Засега имаме доволно дрва за да ги услужиме сите муштерии, но слабо стоиме со време поради зголемениот обем на работа. Па така, доколку денеска нарачате неколку кубици дрва, можно е да се случи да сме оневозможени доставата да ја извршиме истиот тој ден, туку наредниот – вели Рамиз од Сарај.

За дрвата, пак, што се продаваат преку складиштата во кои се испорачуваат дрва од „Национални шуми“, важи ценовникот од јуни во 2022 година. 

Според овој ценовник, еден кубен метар даб и багрем од склад е 3.564 денари, бука е 3.444, а јавор, јасен и брест е 3.243 денари.

Начекавме жител на скопската населба Даме Груев како се распрашува за цената на огревното дрво во стовариштето, па го запрашавме колку е задоволен од годинешната цена на кубниот метар.

– Скапо е, исто како лани. Се сеќавам, пред само неколку години кубикот чинеше околу 2.500 денари, а сега е за дури 2.000 денари поскап. Јас сум пензионер и мојата пензија изнесува 16.100 денари. Тоа значи дека и целата моја пензија одеднаш да ја дадам, јас нема да имам доволно дрва за да ја поминам зимата. Со мојата пензија можам да купам едвај 3 кубици дрва, а каде се лековите и храната за тој месец?! Затоа, дојден сум овде за да ги замолам газдите на стовариштето да ми дозволат да го купам огревот на рати – ни изјави Борче Петрушевски, пензионер од Даме Груев.

Од ЈП „Национални шуми“ објаснуваат дека од нивните складишта можат да се купат дрва на рати, но тоа важи само за социјално-ранливите категории граѓани, како и за семејствата на бранители кои можат да купат огрев на 8 и повеќе рати.

– Склучените договори со здруженија на пензионери, со училишта, градинки, имаат приоритет и тие дрва се плаќаат на рати – велат од ЈП „Национални шуми“.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП