2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПреспанското Езеро испарува заедно со туристите – плажата во Претор зјае празна

Преспанското Езеро испарува заедно со туристите – плажата во Претор зјае празна

Жештина, тишина, празни песочни плажи, повлечено езеро без капачи, празни кафеани, празни кафулиња. За жал, во екот на летната туристичка сезона, вака изгледа сликата во повеќето туристички места на брегот на Преспанското Езеро.

Таму, како да е застанато времето. Таму, останати се само спомените од едно друго поинакво време кога Претор вриеше од гости и туристи, кога се распалуваа скари, кога мирисаше на печено месо, кога се слушаше детскиот џагор на плажите, кога езерото беше полно со капачи, а журките во вечерните часови беа незаборавни.

Сега, август, 2023-то лето Господово, ретко можете да наидете на капачи на плажата во Претор, а тие да не се локално население кои решиле да се разладат во жештините.

Денар, сепак, успеа да пронајде семејство од Скопје кое летниот одмор решило да го помине на Преспанско Езеро.

-Доаѓаме првпат тука затоа што имаме двомесечно бебе и не сакавме да одиме некаде подалеку, а знаеме дека во Охрид е студена водата. Наши пријатели ни кажаа дека Претор е одлично место за одмор со деца, па да ви кажам право, задоволни сме. Точно е дека нема никаква забава, мртво е, нема туристи и нема гости од странство, ама нам тоа ни беше потребно. Сместени сме во приватен смештај, цените се малку пониски од тие во Охрид, но условите се добри. Езерото е прилично повлечено и има многу тиња, ама не ни пречи. За нас е важно тоа што климата е добра и убаво можеме да се одмориме во тишината – раскажува скопјанецот Ненад.

Доколку свртите некој круг низ Претор, тогаш сигурно ќе ги забележите и напуштените одморалишта кои важеа за „пали-гаси“ во минатото, а клуч на вратата ќе видите и на многу продавници, дуќани за сувенири, киосци, ресторани и кафичи.

Очигледно, најсветлата точка за Преспанското Езеро е плажата Сливница која се наоѓа на неколку километри од Претор, а која нуди повеќе забава за младите и за децата.

Оваа плажа обично е преполна за време на викендите, а се проценува дека само во саботите и неделите ова место го посетуваат околу 600 капачи од Битола, Прилеп, Ресен, па и од Скопје.

Инаку, Преспанското Езеро има површина од околу 275 квадратни километри и максимална длабочина од 54 метри. Неговата надморска височина изнесува 853 метри, што го прави највисокото тектонско езеро на Балканот.

Преспанското Езеро има богата историја и култура. На неговите брегови се наоѓаат многу археолошки локалитети, цркви, манастири и села.

Еден од најпознатите острови на езерото е Голем Град, каде што се наоѓаат останките од древниот град Линкус, кој бил центар на Кралството Преспа во 10 и 11 век. 

Во нормални услови и во нормална држава, Преспанското Езеро претставува навистина привлечно место за туризам и рекреација.

Некои од најпопуларните дестинации за туристи се Отешево, Асамати, Сливница, Стење и Коњско.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП