3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКумановци се најголемите галамџии во Македонија – во овој град не се...

Кумановци се најголемите галамџии во Македонија – во овој град не се спие со отворен прозорец!

Ако сте спанковци кои сакаат да спијат и да уживаат во тишина, тогаш Куманово дефинитивно не е град за живеење по ваша мерка, бидејќи токму ова населено место е прогласено за најгласното во Македонија.

Според извештајот за квалитетот на животната средина за 2022 година, којшто го објави Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), градот Куманово е најновиот рекордер по изложеност на граѓаните на бучава.

Податоците покажуваат дека во четирите градови во кои се вршеле мерењата, а тоа се Куманово, Скопје, Битола и Кичево, има отстапување од дозволените вредности, но сепак најлоша е состојбата во Куманово, каде што бучавата е повисока дури за повеќе од 50 проценти над дозволеното.

„Согласно обработените податоци од комунална бучава може да се заклучи дека од четирите разгледувани градови, Куманово е град со најголемо загадување од бучава. Нивото на бучава во животната средина во Куманово на сите мерни места и за сите три основни индикатори: бучава преку ден, во текот на вечерта и бучава преку ноќ, е над дозволената гранична вредност. Екстремно високо максимално ниво на бучава е измерено во пролетниот период во Куманово и изнесува 95,80 децибели, што е за 35,80 д/б над граничните вредности. Највисоката вредност во Кичево изнесува 75 д/б, во Скопје 71 д/б, додека во Битола изнесува 67,5 д/б“, пишува во извештајот.

Инаку, максимално дозволеното ниво изнесува 60 децибели, при што дневната граница во подрачје од прв степен е 40 децибели, а ноќната 50.

Денар разговараше на оваа тема со локалното население во Куманово, па и тие самите признаваат дека има вистина во резултатите од мерењето, но како што велат, се имаат навикнато на бучавата.

-Секако дека е бучно и дека ни пречи бучавата, ама свесни сме дека не можеме ништо да смениме, па едноставно се навикнавме да спиеме во бучава. Бучни се возилата по улиците, несовесните возачи притискаат на свирката во доцните ноќни часови, младите се бучни кога се враќаат од дискотеките, а проблем со бучавата прават и верските објекти во градот, односно црквите и џамиите. Од една страна се слуша гласното пеење на оџата од локалната џамија, а од друга страна се слушаат гласните камбани од локалната црква – како да се натпреваруваат кој е погласен. Тоа што Куманово е прогласен за најбучен град во земјава треба да биде поттик за општината конечно да преземе нешто за решавање на овој гласен проблем – објаснува Даница Поповиќ, средовечна кумановка.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП