2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТостот и хамбургерот станаа луксуз – сендвичарниците ги покачија цените

Тостот и хамбургерот станаа луксуз – сендвичарниците ги покачија цените

Нам, повозрасните, кои пораснавме со јадење тостови за 50 денари од некогашно „Жан Мари“ и хамбургери за 60 денари од некогашно „Чичко Стоилко“, многу тешко ни паѓа кога сега треба да платиме најмалку 180 денари за тост, па дури и 200 денари за хамбургер.

Инфлацијата, зголемувањето на цената на струјата, цената на горивото, како и поскапувањето на храната и маслото за готвење, ги натера сопствениците на сендвичарници да извршат промена во менито и цените на производите да ги зголемат за 100, па и за 150 проценти.

Па така, доколку едно тричлено семејство одлучи за ручек да нарача тостови од една од попознатите сендвичарници во Скопје, истото тоа семејство ќе треба да издвои најмалку 500 денари, зависно од состојките во тостот, а најголема разлика во цената прави кашкавалот кој може да биде млечен или растителен.

-И брзата храна не е тоа што беше. Минатата недела син ми купил сендвичи од една од најпознатите сендвичарници во Скопје, па платил 550 денари само за три тостови. Вчера посака повторно да нарача, но ние го посоветувавме нарачката да ја направи од локалната сендвичарница во близина на училиштето, со цел да заштедиме некој денар. Но, и таму трите тостови чинеа 500 денари. Очигледно, поскапувањето на храната не е само во маркетите, па сега е луксуз да се јаде тост или хамбургер за ручек. Со тие 550 денари самата ќе зготвев убаво јадење и ќе јадевме два дена – раскажува Милена Богдановска од Карпош.

Денар дојде до ценовникот на една од попознатите сендвичари во Скопје, па таму е наведено дека еден хамбургер чини 200 денари, чизбургерот е 220 денари, чикенбургерот е 220 денари, а чикенбургер со кашкавал чини 240 денари.

Пирошка со шунка и кашкавал чини 160 денари, комбиниран сендвич чини 190 денари, вегетаријански сендвич чини 180 денари, хот-дог со две виршли е 190 денари, а само помфрит е 110 денари.

Голем тост со свински врат и млечен кашкавал чини 190 денари, мал тост чини 150 денари, а тост со пилешки стек чини 200 денари.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП