2 мај, 2024
ПочетнаСВЕТГолеми се шансите оваа година да биде најжешката досега

Големи се шансите оваа година да биде најжешката досега

Има речиси 50 отсто шанси дека 2023 година ќе биде најтоплата година досега, а следната би можела да биде уште пожешка, велат експертите за климата на американската влада.

„2023 година беше третата најтопла година досега“, изјави за новинарите Сара Капник, главен научник на американската Национална управа за океани и атмосфера (НОАА).

„Практично е сигурно, шансите се над 99 отсто, дека 2023 година ќе биде рангирана меѓу петте најтопли години во историјата со речиси 50 отсто веројатност дека ќе биде прогласена и за најтопла во историјата“, рече Капник, а пренесува француската новинска агенција АФП.

Гевин Шмит, директор на Институтот за вселенски студии Годар на НАСА, рече дека следната година би можела да биде уште потопла од оваа година, поради феноменот на затоплување на Пацификот познат како Ел Нињо.

„Најголемото влијание на Ел Нињо всушност ќе се случи во 2024 година“, рече Шмит. „Не само што очекуваме 2023 година да биде најтоплата година досега, туку очекуваме 2024 да биде уште потопла.

Климатската опсерваторија Коперник на Европската унија минатата недела објави дека јули е најтоплиот месец досега забележан на Земјата, а податоците на NOAA се во согласност со податоците на ЕУ.

„Просечната глобална температура на површината во јули беше 1,12 степени Целзиусови над просекот, што го прави најтоплиот јули во 174-годишниот рекорд на НОАА“, соопшти НОАА.

НОАА, исто така, соопшти дека глобалните температури на површината на океаните достигнаа рекордно високо ниво во јули четврти месец по ред, бидејќи карактеристиките на Ел Нињо што се појавија во јуни продолжија.

Кејт Калвин, главен научник на НАСА и виш советник за климата, рече дека „климатските промени влијаат на луѓето и екосистемите ширум светот“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП