28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМаркетите зјаат празни преку ден, ама „журката“ е наутро и приквечер

Маркетите зјаат празни преку ден, ама „журката“ е наутро и приквечер

Големите жештини што ја зафатија земјава како да ги променија навиките за пазарење на граѓаните, додека, пак, периодот на летните одмори ги остави големите маркети да зјаат полупразни.

Денар разговараше со менаџерот на еден познат ланец на маркети во Скопје, кој вели дека оваа летна сезона за првпат се случува вработените во маркетот да немаат работа и по неколку часови во текот на денот.

Тој вели дека најголемата гужва за пазарење е рано наутро од 8 до 10 часот, но и навечер од 18 до 21 часот.

Во периодот измеѓу, кога надвор времето е пеколно топло, додава нашиот соговорник, ретко кој влегува со намера да пазари.

-Кога надвор е екстремно топло, скоро и да нема луѓе кои влегуваат во маркетот со намера да пазарат. Има само такви кои влегле сосема случајно оти останале без цигари или оти сакаат да се разладат со вода или со сокче, но не доаѓаат луѓе кои би полнеле корпи или колички со продукти. Најгусто е рано наутро уште од 8 часот, па неколку пати ни се случило муштериите да стигнат пред нас во маркетот и да чекаат пред вратата за да им отклучиме. Сите сакаат да ја избегнат жештината, а ние мораме да се прилагодиме. Затоа сега го сменивме и распоредот со вработени, наместо две касиерки наутро, сега доаѓаат три. Истото важи и за навечер, додека, пак, мал број вработени имаме во текот на денот кога надвор е најжешко – раскажува менаџерот.

Тој посочува дека свежите производи, особено зеленчукот и овошјето, најмногу се трошат во првите два часа по почетокот на работното време.

-Секое утро ни носат свежи производи, а тие се трошат само што ќе ги поставиме на рафтовите. Некогаш дури и немаме време да ги изложиме, бидејќи луѓето ги земаат директно од пакетот на палетата. Зеленчукот и овошјето најбрзо се трошат, свежите печурки, но и јогуртите и киселите млека. Фрижидерите со ладни безалкохолни пијалаци се постојано вклучени, но постојано се празнат и ги дополнуваме по неколку пати во работното време. Луѓето најчесто купуваат ладна вода и газирани сокови, а се трши и ладното пиво – раскажува нашиот соговорник.

Денар разговараше со средовечната Љубица Гроздановска од скопско Радишани, која ја начекавме како пазари во маркет во вечерните часови.

-Наутро ги чувам внучињата, а преку ден ми е премногу жешко за да одам на пазарење. Затоа, најзгодно ми е приквечер да си испазарам за следните два до три дена. Како што гледате, денеска си купив јогурт, банани, урда, малку тестенини, а ќе појдам и до блиската месарница за да си купам пилешко месо – ни изјави Гроздановска.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП