2 мај, 2024
ПочетнаКАРИЕРАКако да се изборите за повисока плата – психолозите откриваат кога е...

Како да се изборите за повисока плата – психолозите откриваат кога е вистинско време да зборувате со шефот

Кога давате сѐ од себе на вашето работно место и кога остварувате повеќе од одлични резултати, природно е дека ќе посакате покачување на платата.

И не само затоа што сакате да имате повеќе пари во џебот, туку и затоа што зголемувањето на платата е знак дека фирмата за којашто работиш ве почитува и го препознава вашиот труд.

Сепак, колку и да сте сигурни дека вистински заслужувате покачување на платата, сепак преговорите со шефовите или со менаџерите никогаш не се лесни.

Денар разговараше со психолог од Скопје, кој открива кога е најдобро време да побарате покачување на плата, кога е најлошото време за да побарате покачување, но и како да побарате.

Кога да побарате покачување?

Ако самите себе се запрашате кога е време за да побарате зголемување на платата, тогаш тоа најверојатно требало да се случи уште вчера, коментира психологот Сања Љубеновиќ од Скопје, која советува барањето за покачување на платата да се активира тогаш кога работодавачот е најзадоволен.

– Барајте покачување на платата во периодот кога се зголемува обемот на работата. Ако имате нови проекти или сте ги презеле работните задачи на колегите, тогаш дефинитивно имате основа да побарате покачување. Секако тоа не треба да го сторите веднаш, бидејќи ситуацијата може да биде и моментална. Меѓутоа, ако зголемениот обем на работа се претвори во нов стандард, тогаш потрудете се тоа да им го предочите на шефовите пред да побарате покачување на платата. Исто така, основа за барање за покачување имате доколку работите за иста плата подолго од една година. Платата е нешто што треба да расте заедно со искуството. Стандардите во светот говорат дека платата се зголемува барем еднаш годишно, меѓутоа кај нас ситуацијата е малку поинаква. Па така, ако работите подолго од една година во фирмата, добро би било работодавачот да ја награди вашата лојалност – објаснува Љубеновиќ.

Таа советува без срам да побарате покачување на платата доколку дознаете дека заработувате значително помалку од вашите колеги.

  • Разговорот околу платите со колегите е табу тема, меѓутоа ако дознаете дека тие ја вршат истата работа за многу повеќе пари, тоа кај вас ќе ја пробуди желбата да побарате покачување. И тоа е целосно легитимно. Меѓутоа, немојте никогаш на работодавачот да му ја кажете причината поради којашто барате покачување, бидејќи тој веќе знае кој и колку заработува, па на вас останува да му дадете друга причина поради којашто барате покачување – посочува психологот.

Најдобро време за барање покачување на платата:

  1. По успешно завршен проект;
  2. Пред потпишување нов договор за работа;
  3. По постигнување договор со нови клиенти.

Најлошо време за барање покачување на платата:

  1. По лоши резултати и пропаднати проекти;
  2. Понеделник наутро кога сите луѓе имаат многу работа;
  3. Петок попладне кога шефот мисли само на викендот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП