17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Девизното штедење во Србија порасна за 5,6 отсто, или за 470 милиони евра во периодот од септември 2012 до септември 2013 година, соопшти Народната банка на Србија. Динарското штедење истовремено забележа раст од 32,6 отсто, или 5,8 милијарди динари. Постепеното намалување на каматните стапки на штедните влогови, што е тенденција како во Србија, така и во другите земји од регионот, секако не дава основа за тврдење дека штедењето повеќе не е исплатливо, што е теза која во последно време се пласира во јавноста, наведе НБС.

Белград – Група стопанственици од 32 компании од Србија се состанаа во Киев со претставници на францускиот трговски синџир Ошан.

Белград – Фабриката Фијат автомобили Србија (ФАС) во Крагуевац за девет месеци оваа година извезла автомобили за вкупно една милијарда и 136 милиони евра. Министерството за финансии на Србија објави дека ФАС се наоѓа на прво место на листата на најголеми домашни извозници. – Србија продолжува својот стопански раст да го темели на растот на извозот. Со силен раст на извозот и понатаму најмногу придонесува извозот на автомобили и автомобилски делови – укажа Министерството.

Загреб – Просечната месечна нето плата по вработен во компаниите во Хрватска, исплатена за јули оваа година, изнесуваше 5.504 куни (722 евра). Во однос на јуни 2013 година, просечната плата е номинално повисока за 0,3 отсто, а реално за 0,9 отсто. Во споредба со јули 2012 година, просечната нето плата за јули оваа година беше номинално поголема за 1,5 отсто, но реално помала за 0,8 отсто, објави хрватскиот Државен завод за статистика.

Сараево – Компанијата Шел официјално достави писмо за намери да влезе во преговори за доделба на концесија за истражување и експлоатација на нафта во Федерацијата БиХ. Меѓународната нафтена и гасна компанија Шел експлорејшен компани Б.В. со седиште во Холандија, ги заврши сите неопходни анализи за истражување на нафта во БиХ и достави писмо за намери до властите во Сараево.

Сараево – Во следниот период во Босна и Херцеговина ќе дојде до закрупнување на банкарскиот систем, со што ќе се прошири конкуренцијата и ќе се изедначат условите за работење. Директорот на Нова банка на Бањалука, Милан Радовиќ наведе дека на пазарот на БиХ со 4,5 милиони жители, работат 29 банки, што како што оцени за БН телевизијата, е преголем број на банки. Според него иднината на банките се гледа во висината на капиталот со кој располагаат, а тие кои ќе бидат способни да го зголемат ќе бидат поконкурентни и ќе опстанат на подолг рок.

Лондон – Британската авио компанија Изи џет, во четвртото тромесечје оваа фискална година која заврши на 30 септември, ги зголеми приходите за 6 отсто. Компанијата благо ја зголеми прогнозата за годишните резултати. Овој нискобуџетен авио превозник за цела 2013 година предвиде оданочен профит во вредност од 470 до 480 милиони фунти (561-573 милиони евра), додека претходно објавената прогноза беше 450 до 480 милиони фунти.

Њујорк – Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги го повика техничкиот комитет на таа институција да ги проучи новите мерки за финансирање на банките. Неговиот повик следеше во момент кога законодавците се обидуваат да најдат начин како да се изборат со идниот потенцијален кусок на ликвидноста, пренесе Блумберг. Иако Драги порача дека таа институција е подготвена да реагира, ако состојбата тоа го бара. Управниот комитет се согласи техничкиот комитет да го испита обемот и терминот на плаќање на новите долгорочни операции за рефинансирање, како и други инструменти, изјави анонимни претставници од ЕЦБ.

Вашингтон – Американската Монстанто, најголем светски производител на генетски модифицирана храна, забележа поголема загуба од очекуваната во четвртиот фискален квартал. Како причина компанијата ја наведе послабата продажба на своите генетски модифицирани семиња. Компанијата во четвртиот квартал, завршен на 31 август, забележа загуба од 249 милиони долари, или 47 центи по акција, што е над загубата од 229 милиони долари, или 42 центи по акција од четвртиот квартал лани. Приходите на Монсанто пораснале за 5 отсто, на 2,2 милијарди долари, од минатогодишните 2,1 милијарда долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП