Најновите економски податоци од еврозоната укажуваат дека закрепнувањето во овој блок зема замав.
Најголемо охрабрување носи веста дека малопродажбата во сите 17 земји членки во август се зголемила за 0,7 проценти, што е над пазарните очекувања од 0,2 проценти и повеќе во однос на растот од јули кој изнесуваше 0,5 проценти, покажуваат податоците на Еуростат, пренесува агенцијата АП.
Податоците за малопродажбата се важен показател за економската доверба, бидејќи покажуваат дека потрошувачите се подготвени на трошок, наместо да штедат.
Освен тоа, преработувачката активност во еврозоната се зголеми во септември со најбрзо темпо од летото во 2011 година.
Имено, индексот за набавка (ПМИ) за производниот сектор на еврозоната, кој го пресметува лондонската компанија Маркит, во септември се зголеми на 52,2 поени.
Тоа е пораст во однос на 51,5 поени кои беа забележани во август, и над границата од 50 поени, која укажува на проширување на производните активности.