Балкан Енерџи Груп во целост го врати долгот кон државата кој пред да се откаже од снабдување со топлинска енергија на скопјани должеше 50 милиони денари. Од државната ЕСМ која го презема бизнисот со парното во Скопје за Денар велат дека обврските кон државата се исполните од страна на приватната компанија кои беа дел од договорот во кризната сосотојба во делот на енергетиката.
Во меѓувреме ЕСМ информиораше дека нуди бесплатно приклучување на системот за парно греење на сите димаќинства кои некогаш решиле да се откажат од овој тил на греење во зимските месеци од годината. Последно, се отстранува и опожарениот топловод од мостот Беласига кој веќе неколку месеци е затворен за сообраќај.
Од ЕСМ за Денар информираат дека БЕГ Дистрибуција во целост го врати долгот на АД ЕСМ од околку 50 милиони денари по основ на договорот за деловно-техничка соработка а согласно одлуката на Влада за кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија во тек на грејна сезона 2021/2022.
„ЕСМ Снабдување со топлина, во законска постапка ја презема целокупната база за потрошувачите на централниот систем за греење од претходниот снабдувач. Околу 60.000 (домаќинства, деловни објекти и институции) се снабдуваат преку новоформираните фирми на ЕСМ Производство, Дистрибуција и Снабдување, а 2.000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата „Енергетика“. Во изминатите месеци, откога ЕСМ ја има лиценцата за снабдување со топлинска енергија во градот Скопје, има постојан раст на бројот на приклучени потрошувачи во системот. Околу 1630 потрошувачи со вкупна инсталирана топлинска моќност од 10 МW се приклучиле до денес на системот за централно греење од кои 144 претходно исклучени потрошувачи повторно се приклучиле и дале доверба на системот.“ велат од ЕСМ.
А се уште трае и акцијата за бесплатно приклучување на исклучените потрошувачи кон системот за централно греење. Од ЕСМ велат дека постои голем интерес кај компаниите но и кај домаќинствата во Скопје да бидат повторно корисници на градското парно. Акцијата според надлежните ќе трае до крајот на август годинава. Веќе од први септември приклучувањето на системот за топлинска енергија ќе се наплаќа согласно важечкиот ценовник. Од ЕСМ додаваат дека во текот на летните месеци започнаа и подготовките за следната грејна сезона.
„Ремонтните активности во топланите и на дистрибутивната мрежа се започнати и ја следат динамиката предвидена во годишниот план за превентивно планско одржување со цел да бидат подготвени за почеток на новата грејна сезона 2023/2024. Во тек на летниот период Потрошувачите и Управителот, односно Заедницата на сопственици имаат обврска да извршат проверка на исправноста на грејните инсталцаии и да ги отстранат утврдени дефекти од минатата грејна сезона за да може да се обезбеди непречена испорака на топлинска енергија во следната грејната сезона.“ велат од ЕСМ.
Од државната компанија потенцираа дека лани беше втора година по ред во услови на криза да се обезбедат сигурно, безбедно, и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Производството на топлинска енергија според информациите беше реализирано со користење на природен гас како погонско гориво, но се вршело и превземање на топлинска енергија од ТЕ-ТО АД Скопје.
„АД ЕСМ успеа за кратко време, по задолжение од Владата, да оформи свои нови компании, да обезбеди ресурси и да добие лиценци за енергетските дејности производство, дистрибуција и снабдување со топлинската енергија на голем дел од подрачјето на градот Скопје. Лиценцата за производство со топлинска енергија, беше издадена во ограничен временски период што беше врзан со грејната сезона, но по истекот на грејната сезона ЕСМ производство доби лиценца за 10 години. И покрај тоа што овие компании беа нови на пазарот на топлинска енергија во 2022 година тие ја стекнаа довербата кај своите потрошувачи поставувајќи високи стандарди за исполнувањето на обврските кон потрошувачите“, додаваат од ЕСМ.
Инаку, до крајот на месецов Регулаторната комисија за енергетика ќе треба да ја соопшти и новата цена на парното за оние домаќинства кои се поврзани за системот за топлинска енергија.
Компаниите кои ја вршат дејноста производство, дистрибуција и снабдување веќе поднеле барање за признавање на трошоците од работењето на друштвата до Регулаторната Комисија за Енергетика. Врз основа на овие податоци и одобрените трошоци за вршење на дејноста, Регулаторната комисија за енергетика ги утврдува тарифните ставови според кои се фактурира испорачаната топлинска енергија кон крајните потрошувачи во следниот период.
По избивањето на енергетската криза БЕГ се откажа од дејноста со образложение дека за речиси 10 пати беше зголемена цената на природниот гас на светските берзи кој е потребен за производство на топлинска енергија. Државата преку енергетската компанија ЕСМ реши да ги спаси граѓаѓаните на Скопје со што ќе го преземе бизнисот со парно.
И.П