1 мај, 2024
ПочетнаСВЕТНАТО му го продолжи мандатот на Јенс Столтенберг до 1 октомври 2024...

НАТО му го продолжи мандатот на Јенс Столтенберг до 1 октомври 2024 година

Сојузниците на НАТО во вторникот се договорија да го продолжат мандатот на генералниот секретар Јенс Столтенберг за уште една година, до 1 октомври 2024 година, соопшти Алијансата.

Одлуката ќе ја потврдат шефовите на држави и влади на НАТО на самитот во Вилнус на 12 јули.

Сојузниците му се заблагодарија на генералниот секретар за неговото лидерство и посветеност, кои беа клучни за зачувување на трансатлантското единство соочено со невидени безбедносни предизвици, се вели во соопштението.

„Почестен сум од одлуката на сојузниците во НАТО да го продолжат мојот мандат како генерален секретар. Трансатлантската врска меѓу Европа и Северна Америка ја обезбеди нашата слобода и безбедност речиси 75 години, а во се поопасниот свет, нашата голема алијанса е поважна од кога било“, рече Столтенберг.

Столтенберг ја предводеше Организацијата на Северноатлантскиот договор низ серија кризи откако ја презеде функцијата во 2014 година.

Тој неодамна ги собра членките на НАТО за поддршка на Украина, додека се обидуваше да спречи војната таму да ескалира во директен конфликт меѓу НАТО и Русија.

Столтенберг (64) е поранешен норвешки премиер.

Тој требаше да го заврши својот мандат како врвен цивилен функционер во трансатлантската безбедносна алијанса на крајот на септември.

Генералниот секретар на НАТО во февруари изјави дека не бара продолжување на договорот.

Но, членките на НАТО побараа од него да го прифати, откако не успеаја да постигнат консензус за наследник.

Меѓу кандидатите беа и британскиот министер за одбрана Бен Валас, кој отворено рече дека би ја сакал работата, и данската премиерка Мете Фредериксен, која јавно инсистира дека не е кандидат за таа работа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП