2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа што ги казнуваат туристите во Грција, а за што во Хрватска...

За што ги казнуваат туристите во Грција, а за што во Хрватска и Шпанија – некои прекршоци се бизарни!

Пред да букирате апартманско или хотелско сместување во некоја земја во којашто сакате да го поминете летниот одмор, најдобро е да се информирате малку подобро за тамошната култура, но и за правилата што таму мора да ги почитувате ако не сакате да бидете дебело казнети.

На пример, во соседна Грција важат строги сообраќајни правила, а грчките власти најавија дека од оваа година полицијата нема да има милост кон „разузданите“ туристи.

Па така, ако одите на одмор во Грција со својот автомобил, тогаш треба да ја поседувате потребната опрема, да ја почитувате брзината на движење, во никој случај да не поминувате на црвено, бидејќи казните се солени и достигнуваат и до 750 евра.

Освен сет за прва помош, ПП-апарат, триаголник, рефлектирачки елек, детско седиште, потребна е и меѓународна возачка дозвола која се вади на секои 3 години и чини околу 900 денари. Граничарите скоро никогаш не ја бараат меѓународната возачка дозвола, но доколку ве сопре полиција на улица, тогаш можно е да ви ја побара, а ако ја немате, може да ве казни.

Ако ве казни сообраќајна полиција во Грција, тогаш најдобро е уште таму да ја платите казната затоа што нема да можете да излезете од земјата, па на граница ќе ви наплатат уште некое евро плус.

Доколку направите сообраќаен прекршок во Грција, голема е веројатноста полицајците да ви ги земат регистарските таблички. Обично ова се случува за поголем прекршок, но се случува да ви ги земат и за погрешно паркирање. Ако не ја платите веднаш казната, тогаш за табличките ќе треба да чекате неколку денови. Во поглед на брзината на возење, возачите треба да знаат дека дозволената брзина во населените места е 50 километри на час, а на регионалните патишта е од 90 до 110 километри на час. На автопат може да возите до 130 километри на час. Исто така, мора постојано да ви бидат вклучени светлата на автомобилот, без разлика дали е ден или ноќ – објаснува туристички водич од една позната скопска туристичка агенција.

-Ако сте пиеле алкохол, додава тој, тогаш воопшто не ни помислувајте да седнете зад воланот.
Доколку ве сопре полиција и вие имате алкохол во крвта повеќе од дозволеното (0,5 промили), тогаш експресно ви следува казна од 75 до 625 евра. За надминување на брзината на возење се добива казна од 40 до 750 евра, а за неставање безбедносен појас казната изнесува 350 евра. Казни од 100 евра следуваат доколку возите и зборувате на мобилен телефон, а ако поминете на црвено, тоа може да ве чини и до 700 евра – раскажува туристичкиот водич, кој, меѓу другото, постојано ги советува туристите од Македонија да внимаваат на овие работи.

Тој додава дека Грците казнуваат и за бизарни работи.

-Ако патувате на некој од островите, бидете многу внимателни со своите постапки. На пример, ако одите на одмор на островот Скијатос и ако „украдете“ камчиња од плажата, тогаш ви следува казна од 1.000 евра. И навистина Грците казнуваат, воопшто не се шегуваат. Затоа, ако одите со мали деца, препорачувам добро да ги проверите торбите, ранците и кофичките за играње за да бидете сигурни дека случајно не сте украле камчиња. Во Сардинија, пак, ако земете песок или школки од плажите ќе треба да си платите казна од 3.000 евра – раскажува нашиот соговорник.

Слични бизарни казни има и на другите туристички дестинации.

Во Хрватска, на пример, за оставање пешкир на плажа прекуноќ, може да платите казна до 200 евра, а за шетање по улица во костум за капење казната е 130 евра.

Нешто слично е и во Шпанија, каде што исто така не смеете да оставате пешкир на плажа и да се шетате по костум за капење на улица, додека, пак, ако ве фатат дека уринирате во морето, тогаш ќе си платите казна од 750 евра. Таму е забрането користењето сапун во морето, а на некои плажи не смеете да пиете алкохол.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП