19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНагел: Инфлацијата е упорна, ќе има уште подигање на каматите

Нагел: Инфлацијата е упорна, ќе има уште подигање на каматите

Европската централна банка (ЕЦБ) најверојатно дополнително ќе ги зголеми каматните стапки за да се бори против силната инфлација. Иако забавува, стапката на инфлација сè уште е превисока за да се релаксира, рече претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел.

„Последните прогнози покажуваат дека не можеме да очекуваме брзо стабилизирање на цените“, рече Нагел во понеделникот на банкарскиот самит во Франкфурт.

„Инфлацијата е поупорна од очекуваното и монетарната политика сега треба да биде поупорна и поконзистентна од очекуваното“, додаде тој.

По години на нула, па дури и негативни каматни стапки, ЕЦБ го промени курсот минатото лето под притисок на високите цени.

ЕЦБ ја зголеми референтната каматна стапка осум пати од јули, на сегашните 4,0 отсто. Во исто време, претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард веќе најави нова нагорна корекција пред следниот состанок на управниот одбор на 27 јули.

Слична изјава даде и Нагел, кој како член на управниот одбор на ЕЦБ одлучува за висината на каматната стапка.

„Ќе одлучиме за натамошно зголемување на каматните стапки… според развојот на ситуацијата и идните податоци. Според мене, ни претстои уште долг пат“, рече тој.

Повисоките каматни стапки го поскапуваат финансирањето. Ова за возврат ја забавува побарувачката и ја лади инфлацијата. ЕЦБ има за цел да ја задржи стапката на инфлација – порастот на малопродажните цени – на два проценти на среден рок.

Инфлацијата почна да се намалува во последните неколку месеци, но тоа главно се должи на поевтините извори на енергија. Базичната инфлација, без нестабилни цени на енергијата и храната, засега не стивнува.

„Според прелиминарната проценка, базичната инфлација во јуни беше 5,4 отсто, малку повисока од претходниот месец“, рече Нагел, што значи дека базичната инфлација е постабилна отколку што сугерира целокупниот пад на стапката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП