7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПропаѓа бизнисот со криптовалути – не се исплати „копањето“ на скапа струја

Пропаѓа бизнисот со криптовалути – не се исплати „копањето“ на скапа струја

Оние коишто во изминатиот период вложиле пари за да купат компјутерски делови и машини за „рударење“ критповалути, сега, во време кога цената на електричната енергија драстично се зголеми, полека почнуваат да сфаќаат дека бизнисот им пропаѓа.

Таков барем е случајот со Ненад Бојковски од скопската населба Ѓорче Петров, кој раскажува дека пред неколку години вложил илјадници евра за да создаде склоп од неколку компјутерски машини за „копање“ криптовалути, а сега не ни помислува да ги вклучи компјутерите во струја.

-Порано се исплатеше и имаше надеж. Многу навлегов во таа работа, постојано ја следев берзата, купував, продавав… Вложив околу 5.000 евра во компјутери кои ми беа поставени во една соба и кои постојано „копаа“. Ми стигнуваа високи сметки за струја, но некако успевав да не бидам во загуба и да заработам некој денар. Плус, компјутерите многу греат, како греалки. Можеби ќе ви звучи смешно, ама ние цела зима се греевме само на компјутерите кои ја затоплуваа цела куќа. Но, целиот бизнис почна да пропаѓа кога започна поскапувањето на електричната енергија, рестрикциите, а и големиот пад на цените на криптовалутите. Секако, и инфлацијата си го направи своето. Многу луѓе „изгоревме“ и многу се откажаа – објаснува Бојковски.

На оваа тема разговаравме и со Дејан Бранковски од Велес, чии компјутери сѐ уште „рударат“.

-Мора да признаам дека лошо течат работите. Многу вложивме со брат ми за да создадеме „лабораторија“ за производство на криптовалути. Многу учевме и многу време посветивме на овој бизнис. Сега, во моментов имаме 5 машини кои постојано се вклучени, останатите ги продадовме. Нема да кријам и ќе кажам дека месечно имаме едвај 170 до 180 евра профит. Тоа е поради високите сметки за струја. На почетокот, пред кризата со коронавирусот, заработувавме околу 500-600 евра месечно. Планираме наскоро да се откажеме од оваа работа, не се исплати – објаснува нашиот соговорник.

Инаку, цената на биткоинот неодамна порасна за повеќе од 5 проценти, односно достигна над 30.000 долари, што е највисоко ниво од почетокот на мај годинава.

Ова влијаеше и на тоа месечните добивки на оваа криптовалута да преминат во зелена зона, а и етериумот порасна за 3,7 проценти на 1.700 долари и сега е за 4 проценти под месечното ниво.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП