6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШунката, саламата и колбасите стануваат луксуз – следува големо поскапување на сувомеснатите...

Шунката, саламата и колбасите стануваат луксуз – следува големо поскапување на сувомеснатите производи?!

Сувомеснатите производи наскоро ќе станат луксуз за домаќинствата, бидејќи се подготвува големо поскапување од 1 август годинава.

Според најавите, најголема промена во цените ќе биде направена кај саламите, шунките, печеницата, пршутата и колбасите, а причината е зголемената цена на суровината.

Инаку, досегашните прифатливи цени на сувомеснатите производи беа резултат на одлуката на месната индустрија да се снабдува со поевтина суровина од Канада, но сега и таа суровина ја изедначи цената со онаа на европските берзи.

Поради скапотијата, компаниите ќе бидат принудени да ги зголемат цените откако ќе ги потрошат залихите од (по)евтиното канадско замрзнато месо, а според проценките, залихите ќе издржат само до крајот на јули.

Единствениот спас од ценовен шок во август е Владата да се откаже од царината за замрзнато свинско месо и на тој начин да нѐ куртули од нови повисоки цени на колбасите и на саламите.

Експертите од оваа област велат дека компаниите од месната индустрија подолго време бараат да се отстрани царината на суровината за преработувачката инфустрија, бидејќи, како што посочуваат, ние немаме домашно производство, а немаме ни доволно свежо месо за консумација.

Извори од Стопанската комора, пак, брифираат дека домашните компании од месната индустрија плаќаат и до 40 проценти царина за основната суровина, а тој процент е највисок во регионот.

-Компаниите во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, на пример, воопшто не плаќаат царина за основната суровина, а српските компании плаќаат најмногу 10 проценти. Само нашите компании од Македонија плаќаат скоро половина од вредноста на стоката. Па така, домашните производители се ставени во нерамноправна положба во однос на соседните земји – коментираат нашите соговорници.

Како што дознаваме, најавеното поскапување на сувомеснатите производи ќе изнесува најмалку 20 проценти, па ако килограм печеница сега чини 900 денари, новата цена во август ќе изнесува 1.080 денари.

Дали Владата ќе го слушне гласот на домашните производители, останува да видиме.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП