3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСаем на кариера и вработување во Прилеп

Саем на кариера и вработување во Прилеп

careerlogoweb

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска е отворен првиот дводневен саем на кариера и вработување, проект на УСАИД „Мадинска мрежа“ за стекнување вештини при вработување заедно со Центарот за вработување од Прилеп и локалната самоуправа.

Саемот го отворија министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, Мајкл Сивејтнер, директор на Канцеларијата за демократија и образование при УСАИД и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.

Спасов информира дека Министерството и Агенцијата за вработување спроведува повеќе владини проекти за вработување, некои со успешност и до 90 проценти. тој додаде дека со сите активности, бројката на невработеност во земјава за прв пат е  под 30 проценти и е 28,8 отсто, а што се однесува до младите кадри и пазарот на трудот,најави дека од средината на ноември Министерството ќе отвори нов сервис со цела база податоци за пазарот на трудот.

– Електронски, со апликации, електронски и СМС пораки ќе има информации, како линковско поврзување за сите огласи на фирмите и кои кадри ги бараат во Македонија, рече Спасов.

За директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски многу е битен маркетингот. – Неопходен е маркетинг меѓу компаниите, образованието и Агенцијата за вработување во планирање на квотите за вработување. Всушност најголема обврска имаат работодавците да кажат кои кадри им се неопходни во процесот на производство. Без анализи не може да се решава долгорочно проблемот на невработеноста во земјава, изјави Поповски.

Тој нагласи дека со Министерството за труд и социјална политика годинава спроведе пилот проект меѓу завршените основци за што се интересираат. Набрзо ќе се објават податоците, но генерално се уште има интерес за гимназиите но и за техничките струки.

Според Наташа Булевска од УСАИД целта на проектот „Саем на кариера и вработување“  е да се види понудата на квалитетена работна рака.

– Преку панел дискусии ќе се поврзат младите кадри и работодавците за да се следи понудата и побарувачката на пазарот на трудот, вели Булевска.

Прилепската локална самоуправа со Центарот за вработување спроведува и ќе спроведува повеќе проекти. – Проекти ќе има не само за социјално ангажирање, туку и за поврзување на кадрите со стопанството. Инаку градот за пет години од 24.000 невработеноста ја симна на 17.000, но во Центарот за вработување интересно е што има 410 слободни работни места во бизнис секторот, вели градоначалникот Марјан Ристески.

Саемот ќе трае два дена. Во Центарот за култура се претставуваат малостопанствениците, а младите добиваат информативни флаери и можност да комуницираат со работодавците.  Ќе се одржуваат и панел дискусии за потребите и предизвиците на пазарот на трудот, за потенцијалните „зелени“ работни места, значењето на континуираното учење и професионалниот развој, за стекнување вештини и Анализа за потребите на пазарот на трудот. Проектот ќе се спроведува во седум општини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП