30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа што се трошат градските пари – жртвите на кучињата-скитници наплаќаат „данок...

На што се трошат градските пари – жртвите на кучињата-скитници наплаќаат „данок во крв“

Ако не ви легнале околу 1.000 евра на сметката директно од касата на Град Скопје, тогаш треба да ви честитаме, оти вие сте едни од ретките кои не биле каснати од куче-скитник на скопските улици во изминатиот период.

Проблемот со агресивните бездомни кучиња во метрополата си трае, а градските власти, наместо конечно да ги засукаат ракавите и да изнајдат долгорочно решение, тие упорно си плаќаат огромни пари како отштета за каснатите граѓани.

Секојдневните полициски билтени се преполни со случаи на каснати граѓани од кучиња-скитници, а од МВР дополнително информираат дека во 2018 година биле пријавени 404 случаи, во 2019 биле пријавени 618 случаи, во 2020 и во 2021 година биле пријавени 647, односно 657 случаи. Ланската статистика исто така беше премногу висока и изнесуваше 521 случаи заклучно со октомври 2022 година, а ништо подобра не е и 2023 година.

-Ме касна куче во скопската населба Даме Груев. Како што се движев со велосипедот, така ме нападна цела глутница со кучиња-бездомници. Кога го запрев велосипедот за да се одбранам, едно од кучињата скокна и ме гризна за раката. Притрчаа луѓе од куќите и успеаја да ги избркаат кучињата. Не знам што би било со мене ако не притрчаа луѓето да ми помогнат. Кучињата беа големи како магариња. Прскаше крв од раката, па веднаш ја соблеков маицата и ја замотав околу раната. Го оставив велосипедот кај луѓето што ме спасија и со такси заминав на лекар. Подоцна дознав дека не сум бил прва жртва на овие кучиња. Проблемот бил пријавен кај надлежните, но никој не презема ништо. Сега не ми преостанува ништо друго освен да побарам отштета. Адвокатот ми вели дека со сигурност ќе добијам околу 60.000 денари – раскажува Никола Петрушевски, жител на скопската населба Волково.

Во април минатата година Советот на Град Скопје едногласно усвои одлука со која пријавите за каснување од куче-скитник ќе се решаваат спогодбено наместо да се влечат по судови, а проценките се дека за 50 проценти ќе се намалат трошоците на Градот за судски такси и адвокатски награди, односно целосно ќе се елиминираат трошоците на ЈП Лајка.

Според мислење од Врховен суд, Град Скопје и ЈП Лајка одговараат солидарно за каснување од бездомни кучиња, а само за парични трошоци се исплаќаат 70.000 денари по случај.

Градот Скопје во 2020 година исплатил околу 250.000 евра за 480 тужби, а во 2021 година исплатил над 400.000 евра за 589 тужби. ЈП Лајка исплатило исто толку.

Останува неодговорено прашањето дали раководството на Градот и раководството на ЈП Лајка конечно ќе изнајдат решение бездомните кучиња да бидат тргнати од улиците, а притоа соодветно и хумано да бидат згрижени од институциите.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП