7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНашите мајстори висат на туѓи скелиња, а ние дома „увезуваме“ странци

Нашите мајстори висат на туѓи скелиња, а ние дома „увезуваме“ странци

Најмалку 20.000 градежни работници-професионалци недостигаат во градежниот сектор, бидејќи голем дел од македонските мајстори веќе ја напуштија земјава и се раштркаа низ Европа каде што условите за работа се далеку подобри, а платите се далеку повисоки отколку овде.

Освен тоа што земјава кубури со градежници, експертите од градежната област се жалат дека таа воопшто не ни води грижа за градежниот сектор, а најдобар показател за такво нешто, додаваат тие, е доделувањето на најголемите капитални проекти на странски фирми.

-Ако им се подобри странските мајстори, тогаш нека им ги даваат парите на нив наместо на нас. Затоа ние ќе ја напуштаме татковината и ќе нѐ гледате само за празници – револтирано коментира стружанецот Димитар Ѓоргиев, кој повеќе од 25 години се занимава со градежништво.

Тој раскажува дека во последните неколку години ситуацијата во земјава во поглед на градежната професија станала неподнослива.

-Зошто мислат дека јас со толкаво искуство ќе прифатам да висам на скеле за 300 евра месечно? Па ако дома не ме ценат, тогаш ќе најдам некој да ме цени надвор. Тешко ми е што ја напуштив Македонија за да работам во Италија, ама немав друг излез. Ја оставив сопругата со две малолетни дечиња, ама наскоро ќе си ги повлечам и нив. Тешка ми е работата, не велам не, ама барем достоинствено сум платен. Ретко кој добар мајстор остана во Македонија. Верувајте, сите квалитетни кадри се појдени во Германија, Италија, Австрија… – објаснува Ѓоргиев.

Професорот д-р Горан Марковски од Катедрата за бетонски и дрвени конструкции на Градежниот факултет неодамна изјави дека за квалитетот на градба е потребно во земјава да има квалитетен домашен кадар.

-Не може една држава да се потпре само на странски компании и инженери, бидејќи не се работи само за изградба на нови објекти, туку и за нивно одржување, контроли, реконструкции, санации и слично. А за тоа се потребни домашни кадри. Претпоставувам дека на сите им е јасно дека функционирањето на многу институции и јавни претпријатија без градежни инженери е практично невозможно. И така доаѓаме до она што според мене е најкритично во моментов, а тоа е сѐ послабиот интерес на младите за изучување на градежништвото. Бројот на новозапишани студенти на Градежниот факултет сериозно се намалува од година во година. Интересот е толку мал што градежништвото почнува да станува неодржливо. Причини за ваквиот тренд има повеќе. Дел од нив се познати, за дел можеме само да погодуваме. Но, едно е сигурно – ако ваквата стихија при запишувањето во високото образование продолжи и во иднина, тогаш ќе се соочиме со сериозен недостиг на инженерски кадар. А тоа значи дека ќе имаме градби со помал квалитет, поголеми ризици од уривање и слично – вели професорот.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП