3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМукаетов: Алкалоид е посакуван бизнис-партнер како на македонскиот така и на странските...

Мукаетов: Алкалоид е посакуван бизнис-партнер како на македонскиот така и на странските пазари

Во листата со доставувачи на „Алкалоид“ на македонскиот пазар регистрирани се околу 1.200 мали и средни претпријатија. Листата со соработници и партнери во земјава и во регионот брои повеќе од 1.500. Во сите наши операции се залагаме за испорачување константно висок квалитет, чесност, исполнителност, висока деловна етика, професионален интегритет и кредибилитет кои ги бараме кај секоја компанија со која имаме воспоставено каков било вид соработка, вели генералниот директор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов во интервју за магазинот Инстор.

-Во првиот квартал од 2023 година 72% од нашите пласмани беа наменети за извоз. Србија е нашиот најголем извозен пазар, а процентуално, земјите од Југоисточна Европа учествуваат со 29% во извозот, 20% се наменети за Источна Европа, 22% се пласмани на западноевропските пазари. Според категоријата на производи, предничат фармацевтските со 90%, а 10% се од сегментот хемија, козметика и билкарство, вели Мукаетов.

Запрашан за работењето во другите држави во кои е застапен „Алкалоид“ во споредба со Македонија, тој вели дека за да бидете конкурентни на кој било странски пазар, неопходни се инвестиции во локални кадри, во производствено портфолио, во маркетинг. 

-Од друга страна, фармацевтските производи се високо регулирана категорија и влезот на странските пазари е исклучително тежок. Но, процесот на глобализирање на брендот „Алкалоид“ е почнат пред околу две децении. Во тој поглед комплетно сме подготвени за адаптација на веќе прифатените законски и деловни норми и правила на работење кои се практикуваат на пазарите во високоразвиените земји во Европа, Америка, Блискиот Исток и слични, но Македонија и регионот се и остануваат главната база на нашите операции, потенцира Мукаетов.

Во однос на ситуацијата на македонскиот пазар, колкав дел од пазарот држат брендовите на „Алкалоид“ во одредени категории и какви се плановите во поглед на вложување во нови брендови, тој за магазинот Инстор вели:

-Доколку зборуваме за лекови, помошни лековити средства и додатоци во исхраната, за жал, македонскиот пазар е недоволно регулиран. До некоја мера би можел истото да го кажам и за детската козметика, а токму во овие два сегменти особено ми е драго што сме лидери на македонскиот пазар и предничиме во однос на квалитетот со увозната конкуренција. Што се однесува до вложувањето во нови брендови, би го споменал MultiEssence кој е umbrella бренд на производи кои се издаваат без лекарски рецепт. Задоволството е големо што, на пример, нашиот производ oд овој бренд, Магнезиум 400 со Б комплекс, предничи во однос на конкуренцијата во својот сегмент не само во Македонија, туку и на пазарите во регионот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП