11 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАНе купувај скап велосипед, ќе ти го украдат

Не купувај скап велосипед, ќе ти го украдат

Бројот на лица што возат велосипед во Скопје е зголемен изминатите години, па практиката покажа дека секаде е полесно и побрзо да се стигне со возило на две тркала отколку на четири. Но, од друга страна, пак, како што расте бројот на велосипедисти во главниот град, така расте и бројот на кражби на велосипеди од дворови, влезови од згради…

Како што раскажуваат самите велосипедисти, крадците на овие возила толку добро ја усовршиле тактиката за крадење, па тоа им претставува само една обична рутина.

На социјалните мрежи можат да се забележат голем број поплаки и молби од сопствениците кои бараат помош да си го вратат својот миленик.

-Велосипедот не вреди многу, едвај 500 евра, но за мене е многу важен поради тоа што ми е подарок од многу драга личност. Не се одвојував од него. Одев на работа со велосипед, а често го користев и за подолги релации. Значи, многу сум приврзан за него и сега, откако ми го украдоа, спремен сум да понудам богата награда за оној што ќе ми го врати. За информација, украден беше во зградата спроти ТЦ Зебра во Капиштец, ќе го познаете по необичната боја. Кој има некакво инфо, нека ме контактира – пишува разочараниот Јовица од Скопје.

Други, пак, се жалат дека им ги снемало велосипедите буквално од пред врата.

-Живеам на трет кат во зграда во Карпош, па обично велосипедот го качувам до пред мојата врата од станот и го врзувам за оградата од скалите. Буквално ми е пред врата, но крадците некако успеале да го украдат без да бидат забележани. А внимавајте, влезната врата од зградата е шифрирана и шифрата ја знаат само станарите. Камери има поставено на секој спрат и по скалите, ама искусните крадци многу добро знаат како да ја извршат операцијата без да бидат снимени. На снимките од камерите се гледаат само неговиот грб и тил, ништо друго – објаснува 27-годишната Елена од Тафталиџе.

Голем дел од активните велосипедисти велат дека намерно не инвестираат во скап велосипед само поради тоа што на тој начин ќе ги привлечат крадците на свој грб.

Некои од нив, раскажуваат тие, дури и намерно ги „огрдуваат“ своите скапи миленици само за да не привлекуваат внимание.

Полицијата, преку низа превентивно-информативни активности, со години ги предупредува и ги едуцира граѓаните на внимание од можноста за имотни деликти во периодот на годишните одмори и посоодветна заштита на материјалните добра.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП