4 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАШто да сторите ако возило ве „истушира“ на улица – дали вреди да пријавите...

Што да сторите ако возило ве „истушира“ на улица – дали вреди да пријавите во полиција?

Веројатно некогаш ви се случило убаво да се дотерате, да си ги облечете новите патики, да си ја наместите косата, а веднаш штом излезете на улица да помине возило со голема брзина и да ве направи „жива вода“ од глава до пети.

Ако ви се случило таков таксират, не грижете се, не сте единствени. За вакви „несреќни случаи“ се жалат голем број скопјани на социјалните мрежи, особено во ваквите врнежливи периоди кога се прават вирови со дождовница на улиците.

Едноставно, дождовите ги вадат на виделина несовесноста и невнимателноста на возачите, а најзагрозени, според реакциите, се пешаците и велосипедистите.

За жал, за оваа проблематика не може да се направи многу, бидејќи за да биде санкциониран некој од возачите, тој мора на самото место да биде „уловен“ од полициски службеник. Во спротивно, не можете да докажете дека токму тој возач со неговото возило ве испрскал на улица.

Како што брифираат полициски службеници за Денар, доколку полицаецот е сведок на прскањето, тогаш невнимателниот возач може да добие опомена и евентуално казна од 35 евра. Ако, пак, нема сведоци, тогаш полицијата најчесто не се презема ништо, оти нема докази.

– Гледаат дека има многу вода на улиците и воопшто не водат грижа дали ќе ги испрскаат пешаците или велосипедистите. Некои возачи ја намалуваат брзината и полека ги минуваат вировите со дождовница, но право да ви кажам, ретки се таквите. Мене лично, пред два дена ми се случи да излезам за да чекам автобус за на работа, но одејќи кон автобуската станица, помина возило низ вода и ме испрска. Морав да се вратам дома за да ја сменам облеката и затоа доцнев на работа. Уште пострашно е што не добив ниту извини, туку возилото си замина како ништо да не се случело. Немав време да ја запишам ни регистрацијата, толку брзо возеше – раскажува Билјана Новеска од Ново Лисиче.

Според неа, треба да се изнајде начин за да се санкционираат ваквите случаи.

– Еднаш пријавив во полиција, ја кажав регистарската ознака на возилото кое ме испрска, ама немав други докази и случајот остана така. Полицајците ме посоветуваа во иднина повеќе да внимавам на својата безбедност на улиците отколку да се обидувам да ја запаметам регистрацијата на автомобилите, оти, како што рекоа, полицијата ништо не им може без силни докази. Демек, вака можел секој секого да пријави дека го испрскал – вели Новеска.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, неофицијално информираат дека во случај да се забележи ваков прекршок, полицијата постапува во согласност со членот 124 став 2 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, а казнената одредба е по членот 124 став 3 од наведениот закон.

– Ако прекршокот е утврден од страна на полициски службеник лично или со соодветни технички средства, тогаш на прекршителот му се издава прекршочен платен налог за уплата на предвидената глоба во согласност со Законот. Во случај ако прекршокот не е констатиран од страна на полициски службеник или со помош на соодветни технички средства, тогаш пешакот може да пријави во полициска станица каде што се составува записник за прием на пријава и доколку се обезбедат докази, на прекршителот му се издава прекршочен платен налог во согласност со наведената процедура – велат од МВР.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП