2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХрватска ли е, Хаваи ли е - новите цени во хотелите ги...

Хрватска ли е, Хаваи ли е – новите цени во хотелите ги шокираа туристите

И покрај тоа што Грција, Албанија и Црна Гора се трите земји во коишто најголем дел од Македонците решаваат да го поминат својот летен одмор, сепак, има и такви коишто се заљубени во Хрватска, па годишниот одмор го минуваат на плажа во Дубровник, Ровињ, Пула…

Но, како што велат туристичките работници, секој може да биде заљубен во Хрватска, но не секој веќе може да си дозволи да ја посети оваа земја.

Според нив, оваа година е направен голем скок на цените што ја прави Хрватска една од најскапите летни дестинации во регионот.

– Колку да ви појаснам, едно четиричлено семејство треба да потроши и до 3.000 евра за 7-дневен одмор во некој од градовите во Хрватска. Во Ровињ, на пример, 7 ноќевања со појадок чинат 1.500 евра по лице, а да не зборувам за хотелските аранжмани за Дубровник кои достигнуваат цена и до 5.000 евра. Секако, вие можете да си закупите и вила или студио кое се наоѓа во околината на градот, а цената за 7-дневен престој чини околу 800 евра. Хотелското сместување на Хвар чини околу 600 евра во јуни, а во Пула цената достигнува и до 1.500 евра. Цената за хотелско сместување во Пореч чини до 1.000 евра за 7 дена – објаснува туристички работник од една позната скопска туристичка агенција.

Тој вели дека побарувачката од Македонците за одмор во Хрватска е многу ниска ова лето.

– Реално, цените се многу високи, па луѓето за истите пари решаваат да поминат одмор во Тунис, Турција или во Египет. Хотелското сместување во Хрватска е многу скапо, а и покрај тоа што е вклучено „ол инклузив“ во цената, сепак, оваа услуга не може ни да се спореди со „ол инклузив“ во Турција, на пример – објаснува нашиот соговорник.

Освен високите цени за хотелско сместување, тој посочува дека прилично „солени“ се цените и во кафулињата и во рестораните.

Па така, доколку одлучите да ручате во ресторан, тогаш бидете подготвени да платите од 30 до 50 евра по човек.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП