Кина повторно ќе биде земја со најголемо нето намалување на милионери во оваа година на глобално ниво, според анализата на „Henley & Partners“, цитирана од „Bloomberg“.
Според пресметките на аналитичарите, во 2023-та година Кина ќе загуби 13.500 луѓе со инвестициско богатство од повеќе од 1 милион долари, кои ќе се преселат во странство.
На второ место е Индија (6.500 луѓе), потоа Велика Британија (3.200 луѓе). Четвртото место го зазема Русија, каде има сериозно доцнење во намалувањето на милионерите – во 2022-ра година намалувањето е за 8.500 луѓе, а сега прогнозата е за пад од 3.000 луѓе.
Трендот на „одлевање“ на милионери од Кина е видлив веќе некое време. Напорот на кинескиот претседател Си Џинпинг за „заеднички просперитет“ значи дека многу кинески претприемачи бараат резервен план за себе и за своите средства. Годините на ограничувања околу пандемијата на коронавирусот се исто така дел од причината зошто богатите луѓе живеат во странство – како на пример во Сингапур.
Аналитичарите посочуваат дека во периодот од 2000-та до 2017-та година кинеската економија нагло забрзала, но бројот на богати луѓе не се зголемувал со исто темпо.
На спротивна страна – Австралија годинава се очекува да стане лидер во привлекувањето на богатите. Земјата ќе ги смени Обединетите Арапски Емирати, привлекувајќи 5.200 милионери. Сингапур е на третото место на рангирањето на „Henley & Partners“.
