27 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВработените во Управата за јавни приходи на протест: Состојбата со платите е...

Вработените во Управата за јавни приходи на протест: Состојбата со платите е повеќе од поразителна и разочарувачка

Вработените во Управата за јавни приходи со најава за протест, на кој, како што велат, ќе го изразат своето незадоволство кон Министерот за финансии Фатмир Бесими, поради недавањето согласност од негова страна за потпишување на новиот Колективен договор на Управата за јавни приходи.

Протестот ќе се одржи со почеток во 11 часот пред зградата на Министерството за финансии.

„Во содржината на посочениот договор е утврдено зголемување на платите на вработените во Управата за јавни приходи, што е легитимно и основано согласно одредбите на член 66 од Законот за буџети. Во исто време таквата примена на посочениот член ја потврди и Собранието на Република Северна Македонија со давање на свое автентично толкување. Претходно работни групи делегирани од работодавачот и репрезентативната синдикалната организација Солидарност изготвија и заеднички ја прифатија содржината на новиот Колективен договор на ниво на работодавач“, се вели во пишаната информација.

Согласно одредбите на Правилникот за доставување и регистрирање на колективните договори, појаснуваат од таму, прво договорената страна – работодавачот со писмен допис го достави договорот до Министерството за финансии за добивање на согласност за негово потпишување.

Додаваат дека од страна на претставници на Министерството за финансии се дадени определени забелешки за наводни финансиски импликации по буџетот на Република Северна Македонија.

„И покрај фактот што сметаме дека тоа не е така, дадовме согласност оспорените одредби од нивна страна да се избришат од содржината на договорот, со што се откажавме од определени права кои претходно сме ги договориле со работодавачот. На завршните активности покрај други учесници свое учество земаа и директорот на Управата за јавни приходи и Министерот за финансии, при што се изготви содржина на колективниот договор прифатлива за сите. Бидејќи до ден денес, од неразбирливи причини согласноста за потпишување на договорот сеуште не е добиена, а вработените во управата не можат да го остварат своето право на повисоки плати, решија да го одржат денешниот протест“, се истакнува во соопштението.

Кога сме кај платите на вработените во Управата за јавни приходи, дополнуваат вработените во оваа институција, состојбата е повеќе од поразителна и разочарувачка.

„За 14 години платите се корегирани само за 5% а во последните 4 години ниту еден денар. Никој не сака да го цени фактот дека станува збор за вработени во државната управа, кои се единствени во децениските активности на хуманитарни и донаторски акции со што ја искажуваат својата општествената одговорност. Никој не може да го негира фактот дека токму тие се единствените кои од сопствените плати издвоија милионски износи кои беа уплатени во фондот за справување со Covid пандемијата кога целото општество беше во шок.

Имајќи ја во предвид решеноста на вработените во управата да ги искористат сите механизми за да го остварат ова свое основано право, ја искажуваме нашата загриженост поради можноста да настанат непосакувани состојби, предусловени од неисполнување на работни задачи и обврски на вработените при евентуално одржување на генерален штрак на што се инсистира од нивна страна.

Што тоа би значело за целото општество сите треба да бидеме свесни.

Во исто време имаме заедничка обврска секој поединечно и сите заедно со изнаоѓање на решение, а тоа е давање согласност за потпишување на веќе прифатениот колективен договор истото да го спречиме“, се додава во соопштението.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП