1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Нарачав церада за мотор, а добив користено ќебе“ – итри измамници „ловат“...

„Нарачав церада за мотор, а добив користено ќебе“ – итри измамници „ловат“ наивни луѓе на Фејсбук

„Пишете ‘Го сакам КАМ во поштенското сандаче’ и освојте ваучер од 5.000 денари“. „Напишете ‘амин’ под фотографијата и освојте го овој прекрасен велосипед“. „Пишете ‘сакам супер бензин’ во коментар и вклучете се во наградната игра“.

Вакви, навидум наивни стапици на социјалните мрежи секојднвно се раѓаат како печурки по дожд, но најтрагично е тоа што голем е бројот на наши сограѓани кои веруваат во измамите и доброволно влегуваат во стапицата.

Но, што всушност се крие зад ваквата измама и што фајде имаат креаторите на ваквите стапици?

Прво, ви ги крадат личните податоци, бројот на банкарската сметка, телефонскиот број, па и домашната адреса. Првичната цел им е да ви ги испразнат сметките, да ви ги соберат парите, а и да ви ги злоупотребат личните документи и да се претставуваат во ваше име.

Затоа, советуваме, не наседнувајте на вакви ситни измами, оти долго време ќе си ја чукате главата во ѕид. Живееме во капиталистичко време и никој, никогаш, нема да ви даде нешто бадијала во замена за глупав коментар што ќе го напишете под глупава фотографија на лажна Фејсбук страница.

Друг вид измама се веб-страниците на коишто се продава буквално сѐ – од гардероба до разни предмети за декорација, додатоци за кујна, бања, за автомобил, играчки, храна и пијалаци…

Секако, постојат и такви зад кои не стојат измамници туку искрени трговци, но најголемиот дел од нив се – стапици.

Вам ви е лесно пазарењето преку Интернет, само со еден клик, но најчесто откако ќе нарачате, Фејсбук-страниците „магично“ исчезнуваат.

На граѓаните им се случува да нарачаат едно и при доставата да платат за тоа, а да добијат нешто сосема друго. Потоа, при комуникацијата со продавачите им се ветува дека производот ќе биде заменет, по што измамниците ги блокираат измамените и контактот засекогаш се прекинува.

Револтирани поради таквиот однос, измамените често го споделуваат своето искуство на социјалните мрежи и на тој начин ги предупредуваат другите граѓани да си немаат работа со конкретната Фејсбук страница.

  • Порачав церада за мотор. На Фејсбук ми се појави реклама со попуст, па решив да ја нарачам церадата за да можам да го покривам моторот за да не го врне дожд и за да не го пече сонце. Ја порачав церадата, а добив користено ќебе. Ми рекоа дека ќе направат замена, по што ме блокираа и јас не можев да ги исконтактирам по втор пат – раскажува Бобан Карајанов од Карпош.

Ова не е прв ваков случај. Ги има уште многу, а посебна приказна се поединци коишто нудат разни производи и кои ги менуваат имињата на Фејсбук страниците за да не бидат фатени, но и за граѓаните да продолжат да купуваат од нив.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека Секторот за компјутерски криминал постапува по добиени пријави од физички и од правни лица, но и по основано сомнение за сторено кривично дело кое се гони по службена должност, предвидено и казниво во согласност со Кривичниот законик.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП