23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРезервирајте си соба на море додека сѐ уште има место – Македонците...

Резервирајте си соба на море додека сѐ уште има место – Македонците ги преплавија туристичките агенции

Прегледот на аранжманите кај повеќето туристички агенции во земјава покажува дека јуни и јули веќе се распродадени месеци, а слободни хотелски соби во дел од атрактивните туристички локации каде што најчесто летуваат Македонците може да се букираат дури за август и за есенските месеци.

Туристичките работници не го кријат чувството на изненаденост од огромниот интерес на граѓаните да го резервираат својот летен одмор неколку недели пред официјалниот почеток на летната сезона.

Заинтересираноста кај граѓаните е преголема и покрај тоа што цената на аранжманите е зголемена дури за 20 отсто во споредба со изминатите години, а поскапувањето се должи на зголемените цени на транспортот и другите елементи кои влегуваат во нивната крајна цена.

Според туристичките работници, Македонците во просек издвојуваат околу 600 евра по човек до над 1.000 евра зависно од хотелот и времетраењето на одморот. Најбараните дестинации сѐ уште се Грција, Турција, Египет, Црна Гора и Хрватска.

-Сите аранжмани за Грција се продадени, особено во периодот кој се смета за шпицен и во кој се организираат најголемите летни забави. Навистина сме изненадени од големиот интерес на граѓаните. Интерес има и за Турција каде што аранжманите вклучуваат и авионски превоз – брифираат од една скопска туристичка агенција.

Граѓаните се свесни за поскапените аранжмани, но како што велат, еднаш се живее.

-Уплатив за одмор во Турција. Ќе бидеме сместени во луксузен хотел, ол инклузив. Цените не се како порано, поскапено е сѐ, ама решивме ова лето да се опуштиме и вистински да се одмориме – изјави скопјанката Катерина.

Со оглед на тоа што грчките туристички дестинации се најпосакуваните и најпосетуваните од страна на Македонците, се обидовме да ви издвоиме дел од цените со коишто ќе се соочите во грчките маркети, кафулиња и ресторани.

Па така, еден леб во грчка продавница или пекарница чини 1.10 до 1.90 евра. Едно литро млеко чини 1 до 2.50 евра. Сончогледовото масло чини 2 до 2.50 евра, додека маслиновото е поскапо и изнесува 5 до 7 евра. Путерот чини 4 до 5 евра, јогуртот изнесува 2 до 4 евра.

Во грчките ресторани, пак, гиро сендвич чини 2.50 до 4.50 евра, а порција гиро изнесува 7 до 10 евра. Кафето чини 1.80 до 4 евра, коктелите се 7 до 15 евра, жестокиот пијалак изнесува 2 до 6 евра. Мало шише вода чини 0.50 до 1.30 евра.

Цената на реквизитите и сувенирите е следна:

Една лежалка на плажа чини 4.50 до 7 евра, чадор за сонце чини 7 до 12 евра, душек за надувување чини 6 до 30 евра, цената не пешкирите е 5 до 15 евра…

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП