25 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЕвропа нѐ притиска да се префрлиме на електричен погон – Добивме рок...

Европа нѐ притиска да се префрлиме на електричен погон – Добивме рок до кога треба да се ослободиме од нашите возила

Од 2035 година во Европа нема да се произведуваат нови бензински и дизел-автомобили кои испуштаат јаглероден диоксид, туку ќе се произведуваат само автомобили на електричен погон. Ваква одлука донесе Европскиот парламент уште во февруари годинава и им порача на сопствениците на бензински и на дизел-автомобили ширум Европа дека имаат рок до 2050 година целосно да заборават на ваквиот вид возила.

Но, по сѐ изгледа, ваквата одлука на ЕП воопшто не ги потресе македонските возачи, а уште помалку дилерите со половни автомобили кои живеат од препродажба на возила од западните земји во Македонија. Само лани, според царинската статистика, од вкупно увезени 35.458 возила, дури 25.513 се половни возила. Податоците на државната статистика, пак, кои се однесуваат на 2021 година покажуваат дека од вкупно 477.820 регистрирани автомобили, само 128 се електрични. Познавачите велат дека трендот продолжува и годинава, без оглед на одлуката на Европскиот парламент.

Во моментов никој не знае што ќе правиме во 2035 година со возилата на бензин или на нафта, но факт е дека земјава ќе има сериозен проблем да се ослободи од нив до 2050 година со оглед на тоа што е на европската агенда.

Експерти и универзитетски професори велат дека државата треба сериозно да се замисли и да се подготви за тоа што ја очекува за отприлика 27 години.

Тие велат дека властите треба да воведат субвенции, ниски даноци, ниски царини за увоз на електрични автомобили, но и да изградат соодветна електрична инфраструктура која ќе го следи растот на купени возила на електричен погон.

Импортерите, односно компаниите кои увезуваат половни автомобили од странство во Македонија, сѐ уште не размислуваат да извршат преориентација на возилата и на плацовите за продажба на возила да нудат само автомобили на електричен погон.

-Засега увезуваме и продаваме возила со ЕУРО 4 или ЕУРО 5 стандард, а не е воопшто проблем, доколку падне таква одлука, да продаваме само возила со ЕУРО 6 стандард, кои, секако, ќе бидат поскапи. Но, нема теоретски шанси целосно да се преориентираме само на возила на електричен погон. Тоа значи дека свесно треба да си ставиме катанец на фирмата. Точно е дека во западните земји се актуелните електричните возила, но таму властите мислеле на сѐ, а не само да се фрлат пари на возилата. Таму има електрична инфраструктура, сообраќајниците се прилагодени на овој вид возила, а има и електрични полначи на секој чекор. А кај нас што има? Кај нас е исто како да купите локомотива, а сте заборавиле дека немате пруга – вели сопственик на авто-плац во скопската населба Ѓорче Петров.

Лани, во Македонија, вкупно биле увезени 35.458 возила, а од нив нови автомобили биле 8.790, а половни 23.381.

Слична е состојбата и кај товарните возила кај кои нови се 1.131 возила, додека 1.898 се половни. Кај автобусите и кај минибусите кои се увезени лани нови се 24, а стари се 234 возила.

И на почетокот на годинава имаме иста состојба. Во јануари годинава се увезени 2.542 возила, а од нив половни автомобили се 1.756, додека нови се 576.

Во земјава вкупно се регистрирани 559.418 возила од кои најголемиот дел се со просечна старост од 19.3 години. Повеќе од половината, дури 57 отсто, се дизел, а само 0.03 отсто се електрични возила.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП