Акциите на производителот на стока за широка потрошувачка „Unilever“ ослабеа денес, откако компанијата најави дека очекува бавен раст на приходите во третиот квартал поради забавувањето на економиите во развој.
Компанијата соопшти дека во третиот квартал очекува органски раст во опсег од три до 3,5 проценти, во споредба со 5 проценти колку што изнесуваше во првата половина од годината и во вториот квартал.
Како причина за бавниот раст на приходите од „Unilever“ го наведуваат забавувањето на пазарите во развој, каде што групата остварува 57 проценти од приходите. Во тие земји се вбројуваат и Индија и Кина.
Дополнителна причина за забавувањето на економиите во развој е значителното слабеење на нивните валути, откако американската централна банка најави постепено повлекување на монетарниот стимул, што доведе до повлекување на капиталот од локалните пазари.
Акциите на „Unilever“ утринава ослабеа за четири проценти.