Дваесет проценти од лицата родени во регионот на Западен Балкан живеат во странство, со што се намалува потенцијалот за раст на економиите во регионот. „Човечкиот капитал е предуслов за постигнување одржлив и инклузивен економски раст, додека миграцијата е еден од факторите коишто влијаат врз човечкиот капитал. Со намалувањето како на квантитетот, така и на квалитетот на работоспособното население, имајќи предвид дека една третина од емиграцијата во регионот е со високо образование, се намалува потенцијалот за раст на економиите и се забавува веќе ниската конвергенција на доходот ‒ доходот во регионот е само 40% од европскиот доход. Носителите на политиките не можат да ја спречат емиграцијата целосно, но може да ги ублажат негативните последици“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која говореше на панел-дискусијата „Миграции, бегалци и општества“, во рамките состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, којашто годинава се одржува во Црна Гора. На панел-дискусијата на која учествуваше гувернерката на Народната банка, зборуваа и министерот за финансии на Грузија, министерот за финансии на Украина, заменик-министерот за финансии на Холандија и директорот во Светската банка, Хавиер Девиктор, додека претседавач беше министерката за финансии на Молдавија. На конституенцата учествува наша делегација, предводена од гувернерката и министерот за финансии, Фатмир Бесими, во чии рамки е и вицегувернерката Ана Митреска.
Во своето излагање гувернерката посочи на бавната конвергенција на регионот на Западен Балкан кон ЕУ, што главно може да им се припише на структурните прашања, при што потенцијалот за раст на регионот во изминатите две децении се намали од 5% на 2,5%, што е поостар пад во однос нa ЕУ. Ова се должи на неповолните трендови кај сите двигатели на економскиот раст, вклучително и кај човечкиот капитал. Квантитетот кај човечкиот капитал опаѓа, како резултат на демографските фактори, но и емиграцијата. Како резултат на тоа процентот на работноспособното население во регионот во изминатата декада се намали од 70% на 65%, додека очекувањата на Светската банка се дека во следните две и пол декади ќе се намали на 60%. Во моментов, секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, додека секој трети размислува да се исели.

