19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМукаетов за српски „PROFIT“: Во последните 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра...

Мукаетов за српски „PROFIT“: Во последните 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во регионот

Една од фактичките константи низ 87-годишното постоење на „Алкалоид“ се инвестициите. Во последните 3 децении интензивно ги насочивме нашите инвестиции кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи во градење и во проширување на производствените капацитети и на капацитетите за истражување и развој, како и во инсталирање современа опрема, лаборатории, во технологии, современ софтвер и во добро обучен кадар. Само во последните 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите од регионот, за што неодамна Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан нѐ прогласи за водечки инвеститор.До крајот на годината очекуваме да го довршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно поголем обем и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми, вели генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов во интервју за српскиот магазин „PROFIT“.

-Денес „Алкалоид“ е меѓу водечките фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа, со близу 2.700 вработени, со продажба во околу 50 земји и со добро распространета продажна мрежа од 21 канцеларија во 15 земји, вели Мукаетов.

Запрашан за тоа како се смени „Алкалоид“ во овие 87 години работење, тој вели:

-Успехот на „Алкалоид“ се заснова, пред сè, на квалитетниот кадар кој работи во компанијата, квалитетот на брендот „Алкалоид“ и на нашите поединечни брендови, кои ги граделе генерации алкалоидовци со години. Во својата долга историја „Алкалоид“ минал низ многу кризи, но секогаш покажувал отпорност и брзо приспособување кон промените. Можеби клучни во контекст на успешниот развој се зборовите посветеност и напорна работа. Во моментов „Алкалоид“ е компанија од 2.700 семејства и секој член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да расте и да се развива. Гордо, самоуверено и посветено продолжуваме да работиме на глобализацијата на брендот „Алкалоид“, притоа строго водејќи сметка за етичките стандарди, кредибилитетот и за професионалниот пристап во целокупното работење.

Профит: Србија седум и пол децении е дел од 87-годишната приказна на „Алкалоид“. Што претставува српскиот пазар за вашата компанија не само извозно, туку и стратешки?

Србија е дел од успешната приказна на „Алкалоид“ веќе осум децении, што доволно зборува за пријателството, разбирањето, блискоста на јазикот и за културата, како и за нашата заедничка традиција на овој пазар. Според српските фармацевти, лековите на „Алкалоид“ никогаш не излегле од книгите на жолтиот регистар (на лекови). За нас Србија е домашен пазар и првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата има сопствено производство и веледрогерија, кои вработуваат повеќе од 150 луѓе. Тоа, исто така, доволно зборува за стратешкото значење на овој пазар за нас. Производствената програма на „Алкалоид“ во Србија опфаќа над 300 производи од областа на фармацијата и на медицината, а, секако, би го споменал и нашиот бренд Becutan, со кој растеле и растат генерации во регионот.

Профит: На кои пазари ги извезувате вашите производи? Кои производи се најзастапени во извозот?

Во првиот квартал од 2023 година 72 % од нашиот пласман беше наменет за извоз, а земјите од регионот се наши традиционални извозни пазари, при што генерации пораснаа и растат со нашите производи. За 85-годишниот јубилеј на „Алкалоид“ историјата на компанијата ја поставивме во Музејот на град Скопје. Во текот на подготовките добивме сапуни Becutan со прекрасна порака од човек од Босна, кој претпоставува дека нашите производи ги купил во осумдесеттите години од минатиот век. Имаше и писмо напишано на рака во кое пишуваше: „По сето ова време го задржаа својот квалитет. Ќе продолжиме да бидеме ваши верни купувачи“. Задоволството е навистина големо кога еден бренд ќе стане составен дел од животот на луѓето, нешто во што веруваат со години и чиј квалитет ја оправдува нивната доверба. Но, кога една приказна ќе успее во помали размери, тогаш е нормално да продолжи натаму. Освен во земјите од регионот, извезуваме и во Европската Унија, Источна Европа, Северна Америка, како и во некои земји од Блискиот Исток, а Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија, Монголија и Саудиска Арабија се новите пазари кои ги додадовме на списокот во последните неколку години. Глобализација на брендот „Алкалоид“ е патеката на која планираме да останеме фокусирани.

Целосното интервју можете да го погледнете тука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП