22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦената на гасот во Европа сега е под 30 евра за мегават...

Цената на гасот во Европа сега е под 30 евра за мегават час

Цената на европскиот природен гас падна под 30 евра за мегават час (MWh) за прв пат од јуни 2021-ва година. Вечерта, референтниот договор за испорака на „TTF“ за еден месец падна на 29,75 евра за MWh. Така, цените на природниот гас го продолжуваат својот надолен тренд кој трае со месеци.

Поради војната на Русија против Украина, цените на природниот гас драстично се зголемија минатата година до летото. На својот врв, гасот се искачи на над 300 евра во август 2022-ра година. Големата зависност од рускиот гас ги поттикна стравувањата од енергетска криза.

Од тогаш, сепак, вредностите значително се намалија. По благата зима, складиштата за природен гас се добро исполнети. Дополнително, доволно количество течен природен гас (LNG) може да се увезува од други земји. Слабеењето на економскиот развој ја намалува и побарувачката. Цената на природниот гас моментално е многу под нивото на кое беше непосредно пред почетокот на војната во февруари 2022-ра година. Сепак, пред 2021-ва година тој постојано чинеше значително помалку од 30 евра.

Падот на цената е знак и на големото количество што е веќе складирано бидејќи трговците се натоваруваат пред следната зима и на релативно слабата побарувачка за гас во регионот.

Европа ја заврши зимата со залихи на гас далеку над сезонскиот просек и продолжи да ги зголемува залихите. Според податоците од подружницата „Gas Infrastructure Europe“, складиштата во моментов се полни речиси 65% и се речиси една петтина над претходниот 5-годишен просек.

„Уште во јануари кажав дека на лето цените ќе паднат под 30 евра/mwh. Но, сигурно не очекував дека ова ќе се случи во мај“, изјави Том Марзек-Мансер од консултантската компанија „ICIS“.

Од крајот на март, цената на „TTF“ се намалуваше шест последователни недели, паѓајќи за речиси 27%.

„Дали ќе видиме натамошни падови на краткорочните договори? Да, без сомнение“, вели Марзек-Мансер.

Тој додава дека недостатокот на побарувачка за ЛНГ од Азија, која се натпреваруваше со Европа за супер ладеното гориво во текот на минатата година, е уште еден фактор што ги намалува европските цени на гасот.

И покрај олеснувањето на пазарите на гас, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) предупреди на нови ризици и флуктуации на цените. На почетокот на 2023-та година, притисокот врз пазарите на гас се намали поради благата зима и политичките мерки, објави ИЕА во својот извештај за пазарот на гас во првиот квартал. Сепак, глобалното снабдување со гас ќе остане тесно во 2023-та година и постојат големи неизвесности.

Тие вклучуваат можност за посуво лето или постудена зима од вообичаеното, но и помала достапност на течен природен гас, како и дополнително намалување на испораките на руски гас во Европа. Затоа, потребите за гас мора дополнително да се намалат преку подобрување на енергетската ефикасност, забрзување на користењето на обновливите извори на енергија и топлинските пумпи, како и преку промени во однесувањето, соопшти ИЕА.

Но, дури и ако цените почнат повторно да растат како што се приближува зимата, малкумина очекуваат тие да се приближат до нивоата забележани во екот на кризата.

Пред Русија да започне со намалување на снабдувањето во 2021-ва година, пред да го намали по својата инвазија, „TTF“ тргуваше близу 30 евра/MWh, но никогаш над тоа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП