5 мај, 2024
ПочетнаСВЕТЕрдоган пред најголемиот политички предизвик: Може ли турскиот Ганди да ги добие...

Ердоган пред најголемиот политички предизвик: Може ли турскиот Ганди да ги добие изборите?

Во Турција во недела се одржуваат парламентарни и претседателски избори, а кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу е во трка против актуелниот лидер Реџеп Таип Ердоган.

Во трката за 13. претседател на Република Турција е и Синан Оган, а според последните анкети Ердоган е зад Киличдароглу и можно е да стигне до втор круг.

Овие избори се најголемиот политички предизвик за Ердоган, кој е на власт веќе две децении, а опозицијата ги смета за нивна најдобра можност да го заменат и да ја променат неговата политика.

И додека Ердоган со години е доминантна фигура на турската и меѓународната политичка сцена, повеќегодишната економска криза вклучувајќи ја зголемената инфлација, како и последиците од разорниот земјотрес што ја погоди Турција на почетокот на февруари, не му помагаат. Токму овие пукнатини во довербата на јавноста кон лидерот на АКП може да ги искористи неговиот главен ривал.

Кој е Кемал Киличдароглу?

Кемал Киличдароглу е роден во 1948 година во семејство на државни службеници во село во источна Анадолија. Тој потекнува од алавитско семејство, кое е етничко-верско малцинство во Турција. Тој е четврто од седумте деца и единствено во семејството кое учело.

Во Анкара дипломирал економија и финансии и во 1971 година се вработува како референт во турското Министерство за финансии, а во 1992 година бил назначен за директор на Управата за социјално осигурување. Тој е во пензија од 1999 година, пишува Дојче веле.

Во неговото блиско опкружување отсекогаш важеше за чесен и доверлив функционер, а во јавноста се стекна со репутација на борец против корупцијата.

Вака ја започна својата политичка кариера кога на барање на социјалдемократско-кемалистичката партија ЦХП подготви извештај за корупција, кој доби позитивен одговор од тогашниот лидер на таа партија Дениз Бајкал, кој го охрабри Киличдароглу да се ангажира во политиката.

Во турскиот парламент како пратеник на оваа партија влезе во 2002 година. Почна да се појавува повеќе во медиумите кога објави неколку докази за корупција во земјава. Неговата популарност дополнително се зголеми поради вербалните конфликти со неколку пратеници од исламско-конзервативната партија АКП на Ердоган. Во 2009 година се кандидираше за градоначалник на Истанбул, но загуби од противник од АКП.

Кога во 2010 година, поради скандал, долгогодишниот претседател на ЦХП, Дениз Бајкал, мораше да ја напушти функцијата, Киличдароглу ја доби поддршката од партијата.

Меѓу неговите познати активности често се споменува дека одел пеш од Анкара до Истанбул во 2017 година. Патот долг околу 420 километри беше започнат со неговите приврзаници како дел од протестната акција „Марш на правдата“ во знак на протест против наводната репресија на АКП на Ердоган.

Ганди-Кемал

Киличдароглу е познат и по својата смиреност. Еден од неговите прекари во јавноста е „Ганди-Кемал“, поради наводната карактерна сличност со Махатма Ганди. Исто така велат дека е крајно смирен, трпелив, одлучен, детален и упорен.

Покрај тоа, тој е политичарот кој имал најмногу физички напади или атентати во политичката историја на Турција. Тој преживеа вооружен напад на курдската милиција ПКК, напад врз парламентот, како и обид за бомбашки напад на терористичката Исламска држава за време на неговиот „Марш на правдата“.

И покрај неговиот позитивен имиџ, и тоа што опозицијата застана зад него, Киличдароглу не се смета за харизматичен лидер кој би бил вистинска алтернатива на Ердоган.

Останува да видиме дали тој недостаток во недела ќе го претвори во своја предност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП