1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски сирења на меѓународниот фестивал за сирење „Cheese 2013“

Македонски сирења на меѓународниот фестивал за сирење „Cheese 2013“

kaskaval

Македонија пред светската публика ги претстави Галичкиот и Лазарополскиот кашкавал и сирењето од Бистра на четиридневниот биенален меѓународен фестивал на сирење – „Cheese 2013“, кој се одржа во градот Бра во северна Италија.

Во „Улицата на президиумите“ (президиуми се заштитени производи на „Slow food“) беа претставени голем број президиуми на сирења од целиот свет, додека на крајот од улицата, во „Куќата на биодиверзитетот“ се одржуваа бројни презентациии на активностите на „Slow food“ Фондацијата за биодиверзитет. Фестивалот овозможи и програми за деца кои вклучуваа едукативни работилници за храна. Саемот, кој заврши денеска, беше проследен со вечерни концерти на плоштадот во Бра. Се проценува дека оваа година настанот го посетија 250.000 посетители.

Овогодинашна тема на настанот беше „Save a cheese“ (Зачувај сирење) со што од посетителите се бараше да донесат сирење кое би сакале да го спасат од исчезнување со негово додавање на листата на номинации за „Арка на вкусот“ што во суштина претставува каталог на производи загрозени од исчезнување кои „Slow food“ ги заштитува. Така, на овој начин, оваа година беа предложени 250 видови сирење.

„Настанот овозможи посета на пазари на сирење, работилници за вкус и конференции и овозможи на едно место да се сретнат малите производители, експертите за млеко и млечни производи и фармерите. Ова беше можност за учество на македонски експерти на Конференција за хигиенска регулатива за производство на сирења на ЕУ и нејзина адаптација во земјите на Балканот. Низ шаторите, различните сали и простори распоредени низ улиците на центарот на овој историски град, посетителите имаа несекојдневна можност да вкусат сирења и млечни производи од сите краишта на светот, а Македонија во организација на „Slow food“ Македонија пред светската публика го претстави Президиумот Маврово-Река, со што посетителите имаа можност да се сретнат со уникатните вкусови на Галичкиот и Лазарополскиот кашкавал и сирењето од Бистра“, се вели во денешното соопштение од „Slow food“ Македонија.

Низ улиците на Бра можеше да се проба улична храна, да се дегустираат вина, да се посетат голем број различни курсеви за храна, да се пие кафе во специјалните книжевни кафулиња низ саемот, да се едуцира за секој аспект на храната, прехрабените сировини и пијалоците.

Во рамките на овој настан имаше и промоција на проектот ЕССЕДРА кој ги вклучува земјите од Балканот (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Романија, Србија, Хрватска), Турција и „Европскиот форум за заштита на природата и пасторализам“ како партнер на овој проект. Презентацијата на проектот се направи преку конференција на која се изврши дегустација на сирења од Балканот, при што Македонија се претстави со уникатното Биено сирење. Проектот има цел да ги зајакнe капацитетите на граѓанските организации кои работат во полето на руралниот развој и одржливо производство и нивното влијание врз политиките за храна преку нивно вмрежување и акции за мапирање на производи кои се на работ од исчезнување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП