4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата закрепнува поспоро од очекувањата, главните ризици и проблеми се наследени од...

Економијата закрепнува поспоро од очекувањата, главните ризици и проблеми се наследени од лани!

На речиси половина од годината домашните и странски познавачи на состојбите во економиите ги подготвуваат новите извештаи за прогнозите за растот на економиите во 2023 година. Главната мака на глобалната економија се уште е војната во Украина и поради тие случувања постои голема неизвесност пред се во европските економии, а со нив се поврзани и останатите на глобално ниво.

Засега од Народната банка на Македонија соопштуваат дека економијата во земјава се движи во рамките на нивните проекции кои ги објавија во последниот квартал од ланската година. Од Владата пак посочуваат дека има доста ризици со кои ќе треба да се соочи стопанството и граѓаните и најавуваат дека поддршка ќе добијат од централната власт. Што се однесува на меѓународна сцена, глобалната слика и не е така едноставна и експертите посочуваат дека кризата не е завршена.

Од Народната банка велат дека детално ги разгледуваат податоците кои ги испорача домашната но и глобалната економија. Засега сметаат дека не може да се потврди дали годинава ќе биде подобра од лани, но позитивно е тоа што стопанството е далеку по активно, а инфлацијата полека но сигурно се стабилизира преку континуиран пат неколку месеци по ред. Од Народната банка велат дека податоците покажуваат солиден реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, наспроти малиот пад во претходниот квартал, како и поумерени негативни движења кај индустриското производство.

„Во однос на промените кај потрошувачките цени, во февруари 2023 година годишната стапка на инфлација се сведе на 16,7% (17,1% во јануари). Просечната годишна стапка на инфлација во првите два месеца од 2023 година е во согласност со оцените за забавување на стапката на инфлација во рамките на октомврискиот циклус проекции. Забавувањето на годишната стапка на инфлација е условено од забавениот раст на цените кај енергетската и базичната компонента на инфлацијата, при одредено стабилизирање кај прехранбената компонента. Ревизиите во однос на очекуваните движења кај надворешните влезни претпоставки за проекцијата на инфлацијата се во различни насоки, при што ризиците во однос на проектираната стапка на инфлација за 2023 година главно се урамнотежени“, велат од Народната банка.

Со помош на методите на сузбивање на инфлацијата, заштитата на ранливите категории на граѓани ќе може да се смета на одржлив економски раст во земјава. Ова е планот на владата како да се испорачаат позитивни бројки на крајот на годината во однос на економскиот раст. Од владата посочуваат дека кризата мора да се гледа како нова можност и како позитивен пример ги потенцираат сите оние бизнисмени кои инвестираа во време на овoj период полн со предизвици.

„Високата инфлација влијае врз редистрибуцијата на доходот, успорување на потрошувачката, а со тоа и на забавување на економската активност и економскиот раст. Профитните маржи, кои во одреден дел се повисоки од реалното, прават притисоци кон цените и платите и со тоа ја одржуваат инфлацијата подолг период. Во време кога глобалната економија се соочува со повеќе предизвици, главно поврзани со упорната инфлација, креаторите на политиките ќе бидат насочени кон борбата со инфлацијата по секоја цена“, велат од Владата.

Од Меѓународниот монетарен фонд соопштија дека во следните неколку години глобалниот економски раст би се движел околу три отсто. Од оваа институција посочуваат дека ваква прогноза на среден рок немаат објавено триесетина години. Но во периодот што следи од ММФ велат дека ќе биде неопходно да се подобрат трговските врски помеѓу големите играчи како Кина и САД, но многу ќе влијае и ставањето на крај на огнот на истокот од Европа.

„Потребното монетарно затегнување влијае на растот и открива некои финансиски ранливости. Згора на тоа, геоекономската фрагментација ризикува да фрли студена вода врз веќе ослабениот глобален раст. Потребни се структурни реформи и инвестиции во луѓето, технологијата и иновациите со цел да се подобри образованието, да се зајакнат пазарите на трудот, да се модернизираат мрежите за социјална заштита и да се засилат климатските активности за да се обезбеди одржливо закрепнување“, наведуваат од ММФ.

Најавите од Централната банка се дека инфлацијата во Македонија на крајот годинава ќе биде едноцифрена. А граѓаните постепено ќе ја враќаат куповната моќ која ја имаа од пред почетокот на ланската година. Од Владата велат дека и натаму ќе продолжат со носење на мерки кои ќе бидат во интерес на граѓаните и компаниите. Но сигналите кои доаѓаат од Организацијата за храна при Обединетите нации велат дека со тоа што се зголеми побарувачката на храна ќе расте и нејзината цена.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП