20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМукаетов за "Ал Џезира": Ако пред 10 години разговаравме за продажбите, денеска...

Мукаетов за “Ал Џезира”: Ако пред 10 години разговаравме за продажбите, денеска најголем предизвик е да се задржат квалитетните луѓе

“Компанијата Алкалоид, има пораснато некаде за 4 и пол пати во последните 17 години. Се должи, како што кажав, пред сѐ, на градењето едно портфолио на производи, развој на производи кои имаат додадена вредност, производи кои можат да се диференцираат од конкуренцијата врз база на својот квалитет, својата препознатливост и својата компетитивност онаму каде што ги продаваме. Но за да се постигне сето тоа, пак сѐ се сведува на квалитетот на она што го работат луѓето, на квалитетот на нашите кадри, кои без комплекси можат да се носат со која било конкурентска компанија каде било во светот”, вели во интервју за Ал Џезира еден од најуспешните менаџери во Македонија.

-Ви благодарам за поканата. Големо задоволство е да се гостува на телевизијата Al Jazeera. „Алкалоид“ е компанија која веќе 87 години функционира. Поминала низ разни општествени системи и морам да признаам дека сум многу горд што сум дел од оваа компанија. Успехот на „Алкалоид“ се должи, пред сѐ, на квалитетот на луѓето кои работат во компанијата. Зборуваме за над 2.600 вработени, семејства, кои се дел од нашата компанија, едно големо семејство. Се должи, секако, на квалитетот на производите; се должи на она што значи брендот „Алкалоид“, на она што значат брендовите кои „Алкалоид“ ги има и кои се нашироко познати, дали се тоа „Кафетин“, „Бекутан“, „Панцеф“, Good Nature и многу други, така што сето тоа има свое влијание на она што значи континуиран развој на компанијата. Тука би сакал да истакнам дека квалитетот секогаш ни е на прво место. И тоа е многу важно за една компанија во континуитет да може да гради еден позитивен имиџ за себе и за своите производи. Исто, за мене е многу важно што компанијата за сите овие години успеа да покаже една резилиентност и да покаже една способност за адаптација кон новите ситуации кои се случуваат онаму каде што е присутна, вели Мукаетов во интервјуто.

На прашањето Ал Џезира “Што е тајната на долговечноста кога ќе се спореди со многуте фирми на Балканот и на поранешните југословенски простори кои беа успешни и звучни имиња, меѓутоа повеќе не постојат”, тој вели:

-Тајната е нешто што ние си го знаеме, така да кажам. Факт е дека тоа е еден сплет, како што кажав, на посветеност, тимска работа, сакање на компанијата, лојалност. И, од друга страна, континуирано инвестирање во едукацијата на вработените кои растата со компанијата, каде што тоа оди двонасочно. Од една страна, менаџментот се труди да води грижа колку може за своите вработени, а, од друга страна, вработените посветено даваат придонос една компанија да се развива како што треба.

Она што е огромен проблем е и масовното иселување на младите. Како овој одлив на мозоци ве погодува како фирма, како „Алкалоид“, и што треба да се направи за да се сопре овој тренд?

-Искрено да ви кажам дека ако разговаравме пред 10 години, јас ќе ви кажев дека најголем предизвик за „Алкалоид“ се продажбите. Денеска со полна одговорност тврдам дека најголем предизвик за нас е како да ги задржиме квалитетните луѓе тука, во компанијата, како да ги мотивираме, што сѐ треба да направиме за она што е визија за раст на „Алкалоид“ како компанија да може да се следи со квалитетни кадри. Ние влеговме во доста проекти од типот на дуално образование со Средното медицинско и Програмата за практикантство со факултетите, каде што над 100 факултетлии доаѓаат во компанијата и работат со ментори за по завршувањето на факултетот да работат во компанијата. Секоја година правиме анализа на задоволството на вработените со разни додатни програми за да ги мотивираме, затоа што на младите луѓе веќе не им се важни само парите. Ние зборуваме за квалитетот на живот, зборуваме за квалитетот на воздухот, зборуваме за содржината која тие ќе ја имаат надвор од она што го доживуваат на работното место. Значи многу фактори. Ние треба да сме свесни дека не се сведува се само на она што им го нудиме ние како компанија на нашите вработени, туку каков е целиот пакет, вели Мукаетов за Ал Џезира.

Фондацијата која е именувана по вашиот татко „Трајче Мукаетов“ веќе стипендираше над 600 студенти од областа медицина и фармација. Имаат ли ефекти конкретно овие стипендии?

-Овие стипендии апсолутно имаат ефект затоа што прво ние помагаме млади луѓе да може, да кажеме, да опстанат во Скопје како град кој е поскап во однос на помалите места во Република Македонија. Добар дел, посебно во сегментот на фармацевти, од тие млади луѓе кога ќе завршат, имаат понуда од нас да продолжат да работат во компанијата. И ние имаме една сосема коректна бројка на наши вработени кои доаѓаат од фондацијата „Трајче Мукаетов“, така што тоа е по мене нешто што апсолутно од прв ден се менаџира како што треба. И јас сум многу среќен што ние имаме можност да им помогнеме на тие млади луѓе да се доедуцираат.

Што се однесува до фармацијата, каде ја гледате иднината со оглед на развојот на вештачката интелигенција?

-Па вештачката интелигенција доаѓа по разни основи. Но јас би кажал дека колку вештачката интелигенција и да доаѓа секогаш приматот треба да го имаат луѓето. Треба да го има човекот. Сметам дека сите овие предизвици низ кои поминавме уште повеќе покажаа колку е важен човекот, колку се важни кадрите и дека ништо не може да се направи доколку немате квалитетни луѓе со добри вредности, посветени, кои си ја сакаат својата работа, така што, да, вештачката интелигенција доаѓа. Да, имаме разни форми на персонализирани фармацевтски форми кои ќе доаѓаат во иднина, но луѓето се клучни за сѐ, додава Мукаетов

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП