Владата продолжува со самоволието за изградба на четирите автопати кои треба да ги гради Бехтел и Енка. Наместо да ги повлече предложените закони, ќе ги носи по брза постапка. Повеќе од две недели како предлог законите на власта се во собраниска процедура но добија сопки од опозицијата. Жестоки реакции во јавноста има кај синдикатите, борците за човекови права и активистите за социјална правда. Реагираше и Европската унија која детално ќе го истражи овој потег на валадата.
И кога дел од предлог законите за Бехтел и Енка заглавија во ќорсокат, во јавноста се појавија информации дека текстовите на дел од предложените законски решенија ќе се менуваат се со цел да се омекнат правилата по ракциите на синдикатите. Но наместо тоа, на пресконференција се собра речиси цела влада за да даде до знаење дека нема никого да слуша, туку ќе си го тера своето до крај. Законите ќе ги носи по брза постапка, а јавноста што сака нека каже. На ова сите синдикати здружно и порачаа на владата дека не води грижа за животот и здравјето на работниците туку единствено ги гледа своите интереси и интересите на нејзините стратешки партнери, жртвувајќи ги работниците и нивните семејства.
„ССМ, КСС, КСОМ и УНАСМ како најголеми синдикални централи во Македонија, кои заеднички здружуваат повеќе од 150.000 работници во Македонија, најостро ги осудуваат одлуките на Владата, по итна постапка и со европско знаменце да воведат неевропски вредности во Македонија, без расправа и согласност на социјалните партнери. Владата воведува работно време како пред 137 години со кое овозможува работниците нечовечки да бидат експлоатирани во траење од 72 часа во текот на една недела што е преседан и во светски размери и директен атак врз здравјето и безбедноста на работниците“, реагираат синдикатите.
Со свој став излезе и долгогодишниот борец за човекови права и социјална правда Здравко Савески. Тој смета дека доколку пожестоко не се спротиставиме на тоа што се подготвува од страна на власта тоа нема да важи само за градежните работници на автопатиштата, туку тоа ќе се прелее во многу сектори.
„Во Македонија, ако не се спротивставиме на 60-те часа, тие нема да бидат исклучок, туку ќе станат правило за многу сектори. Обидот за протнување на 60 часа работа крие сериозна опасност да биде набрзо проширена и на други работници. Поради недостигот на работници прашање на време е кога и капиталистите од странските инвестиции да побараат истото да важи и за нивните работници. А оттаму да се префрли и на другите сектори. Тоа што кај нас има работници што тоа ќе го прифатат за повеќе пари (некои од мака, а повеќето поради култот кон парите) ја прави оваа опасност уште поголема. Па на 50 и 60 часа работа да бидат присилени и останатите работници бидејќи конкуренцијата се согласила на тоа. Не 60, туку 30 часа работа! При енормно зголемена продуктивност на трудот во последниот век, крајно време е да ја вратиме борбата за скратување на работното време!“, вели Здравко Савески.
Опозицијата обвинува за злоупотреба на европското знаменце при носењето на овие закони. Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека треба да се почитуваат собраниските процедури и дека за овие измени и предлог закони треба јавноста да добие што е можно повеќе информации, а тоа би се случило само со сеопфатна дебата во собраниските комисии.
„На сила ако пројдат овие закони тогаш ќе ја видиме најголемата пљачка во историјата на Република Македонија. Затоа сме тука да разговараме со граѓаните. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат се од себе да ги спречат овие закони, но и сакаме да има расправа, јавна дебата и да се покаже договорот, но некој ептен го крие овој договор и ептен ја крие позадината. Со овој последен чин и гест ова е срам за Македонија“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Од владата пак, уверуваат дека ваквиот начин на носење на овие закони е само за да биде во корист на граѓаните и државата.
„Овие законски измени не се однесуваат само за изградбата на Коридорите 8 и 10д. Тие се носат со цел да ги забрзаме сите постапки за изградба на патиштата, за железницата, за гасоводите, енергетските градби и други инфраструктурни градби од јавен и национален интерес. Овде спаѓаат и проектите финансирани со средства од ЕУ и од други финансиски институции, а посебно би ги нагласил магистралните гасоводи и железничката пруга кон Бугарија и Албанија. Нема заобиколување на постапките, нема скратување на фазите при градење. Со законските измени само ги забрзуваме процедурите и ги намалуваме роковите заради ефикасност и економичност во изградбата“, велат од Владата.
Од преставништвото на Европската унија во земјава реагираа дека не треба да се користи европското знаменце кое значи брза постапка за носење закони во било која ситуација. Од оваа институција најавија дека ќе побараат од Владата да објасни по кој основ сега ќе се користи овој механизам во законодавниот дом. Законските измени се однесуваат за зголемување на бројот на работни часа на работниците, закон за урбанистичко планирање, законот за градење, законот за експропријација, а тоа се клучните закони за кои има големи реакции во јавноста.
И.П