3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните се навикнаа да плаќаат „мачка во вреќа“ !

Граѓаните се навикнаа да плаќаат „мачка во вреќа“ !

Најлесно се трошат туѓите пари. Па затоа изградбата на четирите автопатски делници кои граѓаните треба да ги платат воопшто не изгледаат скапи. Ако во минатото зборувавме за капитални проекти кои чинеа стотици милиони евра, сега одиме еден чекор напред, почнавме да броиме милијарди. И не денари туку евра. Една милијарда и триста милиони евра само за градежните работи и плус триста милиони евра да се платат плацевите на граѓаните кои ќе бидат случајно или не во близина или на самата траса. Договорот кој го потпишаа челниците на оваа држава го кријат далеку од јавноста, новинарите и експертите. Прашањето е, што има толку таинствено штом е потребен безбедносен сертификат за да се ѕирне во страниците на овој фамозен договор кој ќе треба да се реализира и плати со парите на народот.

Уште од самиот старт овој проект на Владата го стресоа неколку големи скандали за кои реагираа независните институции како Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси. По изборот на американско – турскиот конзорциум Бехтел и Енка без да биде распишан тендер антикорупционерите „помирисаа“ дека тука нешто смрди, но тој лош мириз не го почувствуваа уставните судии и оценија дека се е во ред. Следуваше изборот на компанија која ќе биде надзор на работата на компанијата изведувач. По еден неуспешен тендер, втора среќа за македонските власти. Но, и тука според голем дел новинарски истражувања излегоа на површина нови спорни моменти. Новоформирана компанија, експресно добиени лиценци за работа, недоволна стручност на работниот кадар и слични недостатоци кои според надлежните се доволни за тендерот да биде прогласен за успешен.

Обвинителството за организиран криминал и корупција веќе води постапка, но други инвормации нема, со образложение дека станува збор за предистражна постапка.

„Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, ќе биде поведена соодветна постапка. Воедно, сите субјекти кои имаат информации или докази за сторено кривично дело, имаат обврска тоа да го пријават до надлежното обвинителство. До овој момент, до обвинителството не е доставена кривична пријава со такви наводи“, соопштија од обвинителството.

И Антикорупциска засега не кажува многу. Но, од оваа институција барем откриваат што е спорно и каде е фокусот на истрагата.

„Од аспект на тоа како е спроведена тендерската постопка, односно како е избран надзорот, понатаму, предмет на наш интерес е со какви лиценци располага надзорот, колку и какви има квалификувани луѓе, понатаму што содржи договорот кој го побаравме и се надеваме дека ќе го добиеме во законски утврдениот рок“, велат од ДКСК.

Што се однесува до властите, тие целиот овој период се обидуваат да ја убедат јавноста дека се што е договорено со изведувачот е во согласност со законите во Македонија. А за да се забрзаат работите, властите предвидоа и измени на серија законски решенија се со цел изведувачот да нема проблеми во работењето, а најмногу за да се запазат предвидените рокови за градба.

„Нашите стратешки планови се изградба на автопатските делници Требениште-Струга-Ќафасан во должина од 22,5 километри, Гостивар-Букојчани со должина од 30,1 километар, како и 27 километри на делницата Тетово-Гостивар. На коридорот 10-д ќе се гради делницата Прилеп-Битола со должина од 43,4 километри“, велат од владата.

А опозицијата во последниов период секојневно објавува информации поврзани со овој случај. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека милионски суми, од државната каса се или ќе бидат префрлени на сметката на Бехтел и Енка.

„Бројката која што врз основа на тој договор кој што го добивме ние од свиркач се облигации кои што ги има создадено државата, што по основ на тој договор, што по основ на пенали поради тоа што нема измена во законот за работни односи, односно, да бидам попрецизен, продолжување на работната недела од 40 на 60 работни часа, точно се 301.495.000 евра, триста и еден милион четиристотини девеесет и пет илјади евра. Околу 173 милиони евра се обврски кои што ги превзела државата врз основа на самиот договор како авансно плаќање, како трошоци за подготовка на градилиште и трошоци за подготвителни работи, вклучително и менаџирање на самиот проект. Тоа се околу 173 милиони евра, а останатите се пенали поради тоа што во рок од 45 дена од потпишување на договорот не е променет Законот за работни односи, односно работната недела не е продолжена од 40 на 60 работни саати. И затоа велам, бројаката е точно 301.495.000 евра кои што во овој момент граѓаните треба да му ги платат на изведувачот“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Според познавачите, едно од најспорните работи во целиот овој процес е што е предвидена цена на чинење за нешто што не се знае како ќе изгледа, односно за нешто што нема проект. Граѓаните оддамна ја имаат изгубено довербата во институциите и сега само може да погодуваат колку ќе ги чини изградбата на овие инфраструктурни зафати.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП