Илјадници македонци веќе живеат и работат во најсилната европска економија, која ги почувствува и ги чувствува последиците од енергетската криза, но која буквално плаче за работна сила.
Просечниот македонски гастарбајтер во Германија заработува од 1.500 до 4.000 евра, најчесто изнајмува стан, донекаде знае германски, ги образува децата, зборот пензија често му е во „уста“ и не би се вратил во Македонија се додека може да работи и да заработува.
На прашањето зошто им е толку подобро таму, велат дека сè е некако „полесно, побавно, поорганизирано и со многу помалку стрес и размислување за тоа како утре.
Својата егзистенција ја темелат на работата, најчесто во помалите фирми од областа на угостителството и производството, но и во здравството, металната индустрија, градежништвото, земјоделството, услугите за чистење, обезбедувањето… За повеќето од овие работни места не им е потребно добро познавање на јазикот, иако е пожелно, додека во здравството е задолжително. Со возраста многу од нив го учат јазикот, постарите се мачат, но на децата кои се образуваат со текот на времето им станува како мајчин јазик.
Како по правило, колку се подобри квалификациите и колку подобро зборуваат германски, толку полесно им е да се вработат и да останат долгорочно таму. Сепак, поголемиот дел од работниците од Македонија во Германија работат на оние послабо платени работни места, за кои е потребна само диплома за завршено средно образование и површно познавање на јазикот.
Мажите најчесто заработуваат во градежништво и сродни дејности, каде во просек заработуваат и до 2.500 евра месечно. Циглар заработува 3.214 евра, молер 2.975 евра, а ковач 3.053 евра месечно. Вештината на заварувач се плаќа околу 2.819 евра, а на керамичарот околу 3.000 евра. Возач на виљушкар, на пример, има просечна плата од 2.679 евра, а работник на пат 3.463 евра. Сето тоа се просечни плати според официјалната статистика.
Голем број македонци работат во Германија како готвачи или послуга во угостителството, а платите таму се нешто помали, околу 1.800 евра во просек.
Нашите медицински сестри во оваа економски најразвиена европска земја заработуваат и до 2.600 евра.
Она што е интересно е што многу македонци во Германија често работат дополнителна таканаречена „мини работа“. Тие обично работат по околу два часа на вакви работи и во просек можат да им носат околу 1.000 евра месечно.
Сега, традиционално, најбарани работници се во здравството, медицинските сестри и лекарите, па така и најголемиот број работници кои го напуштиле Балканот, се токму од овој сектор. Физиотерапевт има просечна плата од 2.588 евра, болничар 3.511 евра, медицинска сестра 3.645 евра, забен техничар 2.590 евра. Медицинско-технички лаборант 3.497 евра, а лекарите во просек 6.337 евра.
Нашите луѓе се вработени во струката со дипломи од различни факултети, па машински инженер заработува околу 6.173 евра, електроинженер 6.300 евра, архитект 4.122 евра. Програмерите се многу добро платени, што е тренд ширум светот.
Според нашите гастарбајтери во Германија, причините за заминувањето се, велат, реални – многу поголема заработка за иста работа отколку во Македонија, поудобен живот и како што тврдат помалку стрес, политика, брзање, страв за егзистенција и прашањата за тоа како на семејството да му се обезбедат барем основни средства за живот.
Македонците кои работат обично се кредитоспособни, па речиси сите земаат добри автомобили на кредит. Но, ретко се одлучуваат за недвижен имот бидејќи се работи за долгорочни заеми од 20 и повеќе години.
Малкумина во Германија имаат сопствен стан. Секој го изнајмува просторот каде што живее, но секаде има правила – не може да имаш, да речеме, 4 члена од семејството на 30 квадрати. А, киријата во никој случај не е занемарлив трошок и во просек изнесува околу 1.000 евра.