26 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗКако кинеските автомобили го освојуваат светот

Како кинеските автомобили го освојуваат светот

Кинеските производители на автомобили известуваат за голем пораст на популарноста на прекуокеанските пазари, што би можело да го поттикне извозот на автомобили од земјата на ново високо ниво во оваа година по скокот во 2022-ра година.  

Според Кинеската асоцијација на производители на автомобили, земјата извезла 3,11 милиони автомобили во минатата година, што е за 54,4% повеќе за една година и ја става Кина на второто место во светот по Јапонија. Овој моментум ќе продолжи во 2023-та година. Податоците од „Great Wall Motors“, најголемиот кинески производител на „SUV“ и пикап возила, покажуваат дека компанијата продаде 15.998 автомобили во странство само во јануари, што е за 25,47% повеќе од истиот период од минатата година.

Кинескиот производител на автомобили рече дека ќе ја забрза својата глобална кампања, при што Европа и Југоисточна Азија ќе се појават како нови пазари во пораст. Менаџерот за продажба на „Great Wall Motors Thailand“ изјави дека автомобилскиот производител планира да лансира четири нови модели на автомобили во земјата во оваа година. Лани на странските пазари се продадени 173.180 автомобили што е за 21,28% повеќе од претходната година. „Great Wall“ тврди дека неговата вкупна продажба во странство надминува 1 милион возила.

Другиот голем кинески производител на автомобили, „BYD“, извезе 10.409 возила минатиот месец, што е за 57,8% повеќе од истиот период во 2022-ра година. Ќе потсетиме дека „BYD“ лансираше три нови модели во Европа во септември 2022-ра година, од кои еден е „Atto 3“. Околу еден месец подоцна, компанијата за изнајмување автомобили „Sixt“ потпиша договор со „BYD“ за купување на 100.000 автомобили во текот на шест години.

Кинеската марка „Voyah“, премиум единицата на државниот „Dongfeng Motor“, објави дека во јануари ќе започне со испорака на своите теренци во Норвешка, нејзиниот прв пазар во странство, и тоа веќе е факт. Брендот исто така силно се рекламира во Израел, а испораките таму започнуваат во март. „Voyah“ соопшти дека оваа година ќе ги лансира своите модели и во Шведска, Холандија и Данска. Овие европски земји се и првите пазари за други кинески брендови, вклучувајќи ги „Xpeng“ и „Nio“.

„FAW Group Hongqi“, која има присуство во Западна Европа, очекува нејзината продажба во странство да сочинува повеќе од 10 проценти од вкупната продажба, што треба да се постигне веќе во 2025-та година, а во 2030-та година тие ќе пораснат на 25 проценти.

Почесниот претседател на Кинеското здружение на автомобилски инженери изјави за медиумите: „Можеби нивната продажба во Европа е мала во моментов, но самото нивно присуство таму е доказ за нивната конкурентност“.

Според извештајот на „McKinsey“ објавен на крајот на 2022-ра година. Кинеските производители на автомобили ги импресионираат клиентите во странство со модели кои „ги надминуваат нивните најлуди соништа“, што дефинитивно ќе доведе до зголемување на нивната позиција на светската сцена.

Кинеските комерцијални електрифицирани возила стануваат доста популарни и на странските пазари. Во декември 2022-ра година, „Farizon Auto“, поделба на „Geely“, доби нарачка за 1.000 „SuperVAN“ од „Admiral Mobility“ во Обединетите Арапски Емирати. Тоа е и најголемата нарачка за електрични комерцијални возила во Заливот. Кинезите се оптимисти и со заеднички напор се надеваат дека ќе испорачаат 5.000 нови електрифицирани лесни возила во регионот на Персискиот залив за само три години.

Друг кинески производител на автомобили, „SAIC Maxus“, чии производи се достапни во 73 земји, рече дека ќе лансира неколку нови е-возила во оваа година, насочени кон нејзините основни пазари во странство, вклучувајќи ги Европа, Блискиот Исток и Јужна Америка. „SAIC“ веќе има електрични модели на меѓународните пазари. Меѓу другото, комбињата „EV 30“ и „EV 90“ беа најпродавани во нивните сегменти во Шпанија и Норвешка во 2022-ра година.

Претходно оваа година, кинеската асоцијација на производители на автомобили процени дека извозот од Кина би можел да порасне за уште најмалку 20% на годишно ниво до 3,73 милиони единици.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП