19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ претстави нови правила за спасување на проблематичните банки

ЕУ претстави нови правила за спасување на проблематичните банки

Поттикната од банкарските нарушувања во Соединетите Американски Држави и Европа, Европската комисија предложи нови правила за спасување на проблематичните банки, но без воспоставување единствен систем на гарантирани улоги на ниво на Европската унија.

Предложениот текст, за кој ќе треба да преговараат земјите-членки и европратениците, има за цел да ја поттикне употребата на „заштитни мрежи“, финансирани од самиот банкарски сектор, наместо да прибегнува кон суверени фондови, за да ги заштити штедачите во случај на неуспех на малите и средните банки.

„Финансиските институции на ЕУ се добро капитализирани, високо ликвидни и строго надгледувани“, но во време на криза земјите имаат тенденција повеќе да се потпираат на парите на даночните обврзници отколку на шемите за гарантирање на депозитите финансирани од банкарската индустрија“, забележува Европската комисија.

Се додава дека според рамката, може да биде тешко за средните банки да пристапат до гарантните шеми. Затоа, Брисел сака да им овозможи на овие институции полесен пристап до финансирање од гарантните фондови со цел да ги исполнат условите потребни за заштита на нивните штедачи во случај на криза, со што ќе се намали ризикот од „зараза“ кај другите банки.

Потпретседателот на ЕК Валдис Домбровскис на прес-конференција во Стразбур инсистираше на тоа дека првата и главна линија на одбрана на банките мора да остане нивната способност сами да ги апсорбираат загубите благодарение на сопствените средства, под строги правила.

Се вели дека текстот има за цел да ја заштити реалната економија од влијанието на банкрот со охрабрување на земјите да ги префрлат сметките од пропаднатите банки во здравите, што е помалку вознемирувачко за клиентите отколку ликвидацијата на самата банка.

Конечно, доколку заштитата на депозитите се одржува на ниво од 100.000 евра по депонент и по банка, текстот на ЕК ги усогласува стандардите низ ЕУ со проширување на заштитата на депозитите на јавните субјекти – болници, училишта, општини, како и одредени видови средства како што се инвестициски компании.

Неодамнешниот колапс на американската Silicon Valley Bank (SVB) и Signature Bank, проследено со итно преземање на Credit Suisse од страна на UBS, и турбуленциите на германските банки на берзата, неодамна ги зголемија стравувањата од поширока банкарска криза.

„Овие неуспеси на банките во САД и Швајцарија, како и тензиите кои произлегуваат од нив, не потсетуваат зошто ни е потребен силен и функционален систем за справување со сите банки, без разлика на големината, кога ќе наидат на проблеми“, рече Домбровскис.

Сепак, ЕК потенцираше дека оваа реформа не е реакција на овие настани, туку дел од напорите за комплетирање на банкарската унија, која тешко се воспоставува од 2012 година.

Брисел започна радикална ревизија на надзорот на банкарскиот сектор по финансиската криза во 2008 година и последователната должничка криза во еврозоната, при што беа потрошени милијарди евра јавни пари за спасување на банките.

Банкарската унија ја стави супервизијата на најголемите банки во ЕУ под одговорност на Европската централна банка (ЕЦБ). Единствениот систем за гаранција на депозитите низ ЕУ би овозможил оваа унија да биде завршена, додека европскиот пазар е сè уште фрагментиран и, според поддржувачите на реформата, би овозможил создавање вистински прекугранични европски групи за подобро финансирање на економијата.

Но, на ова здружување гаранции со години му се спротивставуваа Германија и другите северни земји, кои стравуваат дека нивните штедачи ќе платат за неуспесите на банките во јужните земји. Задолжената Италија е исто така непријателски расположена кон оваа реформа, која би ја ограничила способноста на нејзините кревки банки да ги консолидираат своите биланси со купување италијански државни обврзници.

Иако текстот предложен од Брисел останува далеку од какво било обединување, ЕЦБ сепак го поздрави овој прагматичен и важен напредок.

„Новите правила ќе им овозможат на властите да управуваат со банкарските кризи на поефикасен и покоординиран начин и затоа се важен чекор кон завршување на изградбата на банкарската унија“, нагласуваат во соопштението челниците на Надзорниот одбор на ЕЦБ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП