14 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВојната со инфлацијата е далеку од завршена, но аналитичарите стравуваат од уште...

Војната со инфлацијата е далеку од завршена, но аналитичарите стравуваат од уште едно зло

Трите водечки светски централни банки – американската ФЕД, европската ЕЦБ и Банката на Англија – се уште се фокусирани на зголемување на каматните стапки со надеж дека ќе ја скротат инфлацијата, но сè уште не е јасно дали ќе успеат во тоа. Забавувањето на растот на цените е потешко од очекуваното, а аналитичарите предупредуваат дека финансиските пазари се уште се слаби.

Индикациите се дека се приближуваме до врвот на зголемување на каматните стапки, додека централните банкари се убедени дека инфлацијата ќе се забави во следните година-две без големо влијание врз светската економија.

Сепак, во тоа не се убедени ниту политичарите, ниту финансиските аналитичари. Тие укажуваат на постојан недостиг на работна сила, проблеми во глобалните синџири на снабдување и нестабилни финансиски пазари. Тие стравуваат дека тоа ќе го принуди светот да избира меѓу две зла – долгорочна инфлација која е тешко да се третира и длабока рецесија.

Во сè пофрагментираната глобална економија што произлегува од пандемијата на ковид, „ќе бидеме погодени од повеќе шокови, а монетарната политика се соочува со многу посериозни компромиси“, рече првиот заменик директор на Меѓународниот монетарен фонд Гита Гопинат на форумот во текот на пролетта на состанокот на ММФ и Светска банка во Вашингтон.

Нејзиното размислување го делат и други кои не веруваат во приказната за централните банки дека светот ќе помине без последици во борбата против инфлацијата. Гопинат истакна дека немало случај во историјата кога високата инфлација била потисната без зголемување на невработеноста.

Од друга страна, централните банкари сè уште веруваат дека бранот на инфлација е минлив и првенствено резултат на прилагодувањето на шокот предизвикан од пандемијата, заедно со руската инвазија на Украина. Каматните стапки се зголемуваат за да се ограничи побарувачката и да се намалат ценовните притисоци, а истовремено да се држат под контрола јавните инфлаторни очекувања.

Изгледите за пад на инфлацијата, со постепено враќање на состојбата пред пандемијата, е очекуваното идно сценарио за централните банки. Само Банката на Англија предвидува дека ќе биде потребна само блага рецесија за да се забави инфлацијата. ЕЦБ, пак, очекува да ја добие битката со неа без промена на стапката на невработеност, а американскиот ФЕД предвидува скромно зголемување на стапката на невработеност, но и продолжување на економскиот раст.

Минатиот месец ФЕД објави дека во мај ќе ги зголеми каматните стапки за 25 базични поени, што би можело да биде последното зголемување во годината. Ваквата одлука е силен сигнал дека ерата на синхронизирано заострување на стапките заврши, а челниците на централните банки во следната фаза ќе чекаат да се почувствуваат построгите финансиски услови и врз цените.

Засега се уште не се јасни сигналите за движењето на светската економија. Имаше забележителни падови на инфлацијата во Европа и во САД, но тие беа поттикнати од најпроменливите компоненти – особено трошоците за енергија – додека базичната инфлација, особено во индустриите со најмногу труд, се намалуваше побавно.

„Не е сигурно дека ќе се вратиме на стабилноста на цените на среден рок, дури и по најбрзите зголемувања на каматните стапки досега“, предупреди претседателот на Бундесбанк Јоаким Нагел минатата недела за време на говорот во Институтот за меѓународна економија Петерсон во Вашингтон.

Мартинс Казакс, шеф на централната банка на Летонија, рече дека ризикот од рецесија сè уште е „нетривијален“, со голем број фактори кои вршат притисок врз цените.

„Профитните маржи на компаниите се сè уште високи, притисокот врз платите е силен, а пазарот на трудот е затегнат. Сето ова упатува на ставот дека опстојувањето на инфлацијата е релативно силна и дека стапките мора да продолжат да растат“, изјави Казакс за Ројтерс.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП