Европската централна банка (ЕЦБ) би морала сама да го проверува ризикот во банките при утврдувањето на барањата за потребното ниво на капитал, сметаат независни експерти, предупредувајќи дека оценките на самите банки често се пристрасни.
Тоа е најзначајната препорака на експертите кои требаше да го оценат извршувањето на ЕЦБ на клучната надзорна задача, со фокус на одлучување за потребниот износ на капитал што банките мора да го поседуваат за да ги „покријат“ потенцијалните загуби.
Анализата беше нарачана од самата ЕЦБ, а започна во септември минатата година, многу пред проблемите во американската Silicon Valley Bank (SVB) и швајцарскиот Credit Suisse кои покренаа бројни прашања за банкарската регулатива, забележува Ројтерс.
При утврдување на барањата за капитал, ЕЦБ ја комбинира својата анализа со интерните проценки на банките за ризикот и соодветните нивоа на капитал.
Пет експерти, поранешни супервизори од Јапонија, САД, Ирска, Шпанија и Канада, сметаат дека таквиот пристап е „концептуално слаб“. Тие исто така тврдат дека внатрешниот процес на проценка на адекватноста на капиталот (ICAAP) во самите банки често е пристрасен.
Затоа ЕЦБ не треба да се потпира на нив, заклучуваат тие.
„ICAAPs треба да се користат како помошни информации, а не како основа за анализа“, според независните експерти.
На ЕЦБ и се предлага да го промени начинот на одредување на барањата за капитал и да се фокусира „на специфичните ризици кои бараат дополнително покривање на капиталот, а паралелно значително да ја ограничи употребата на ICAAP“.
Главниот банкарски супервизор на ЕЦБ, Андреа Енриа, рече дека препораките на експертите го зајакнале неговото „убедување дека супервизијата треба да биде поадаптивна, инвазивна и фокусирана на ризик“.