5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд октомври ќе се издава шестлистен ТИР карнет

Од октомври ќе се издава шестлистен ТИР карнет

TIR

Од следниот месец на македонскиот транспортен пазар во рамки на пилот проект ќе се издава  и шестлистен ТИР карнет, наменет за транспортни операции од, за и низ Европската унија.

Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) го воведе шестлистниот ТИР карнет на барање на  транспортните асоцијацации од балканските држави, откако со влегувањето на Хрватска во ЕУ се создадоа нови услови за актуелизирање на идејата за негова реализација, велат од СИЗ „Македонија сообраќај“.

Практично со новиот ТИР карнет  треба да се овозможи висококонкурентна цена во споредба со цената за транзит и финансиската гаранција во рамки на конкурентниот Т-систем, што ја обезбедуваат шпедитерите или царинските брокери.

„Користењето на овој шестлистен ТИР-карнет, како и на другите типови ТИР-карнети, има предност и во одржување комерцијална доверливост во работењето на транспортните компании, не откривајќи ги доверливите комерцијални податоци на потенцијалните конкуренти. Новиот ТИР карнет, исто така, овозможува брза проценка на ризик, благодарение на електронската потврда за завршување на ТИР-транспортот преку  Safe TIR – системот на ИРУ“, оценуваат од СИЗ „Македонија сообраќај“.

Очекуваат шестлистниот ТИР карнет и користењето на бесплатниот веб базиран софтвер за електронска преднајава при влез во земјите на ЕУ (ТИР-ЕПД) со која се поедноставуваат  трговијата и работата на надлежните царински органи и на транспортните оператори, да прерасне во атрактивен инструмент за економично и профитабилно работење на македонските транспортери.

Според транспортната асоцијација, шестлистниот ТИР карнет е добредојден за превози од и за Турција, бидејќи ќе се извршуваат со помал трошок, но исто така ќе можат да се користат и на други релации што ги користат македонските транспортери. Транспортните компании ќе можат да го користат шестлистниот ТИР – карнет со потпишување посебен додаток кон Декларацијата за согласност, што ја потпишуваат при нивниот прием во ТИР- системот. Анексот кон Декларацијата може да се потпише во просториите на ТИР одделението на СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ,  каде и ќе се издаваат шестлистните ТИР- карнети.

ТИР системот е создаден за да се олесни трговијата и транспортот, а истовремено и да се имплементира меѓународен хармонизиран систем на царинска контрола, што на ефективен начин го заштитува приходот на секоја земја низ која се превезува стоката. Системот досега има 68 земји потписнички на четири континенти.

Во последните десет години бројот на ТИР-карнети издадени на годишно ниво  изнесува околу три милиони, а АМЕРИТ годишно издава 26.000 ТИР карнети. Во 2012 година ТИР карнети се издадени на 610 транспортни фирми. Најмногу ТИР карнети се користат за превози од Турција за Македонија и од Турција за земјите на ЕУ, од Македонија за Турција, Италија и Англија, додека од земјите на ЕУ за Македонија најмногу се користат од Грција, Германија, Италија и Автсрија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП