3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата е повисока за сиромашните отколку за богатите

Инфлацијата е повисока за сиромашните отколку за богатите

Економијата на целиот регион на Европа и Централна Азија беше погодена од војната во Украина, но се проценува дека економскиот раст ќе биде поголем од очекуваниот и ќе изнесува 1,4 отсто наместо претходно предвидените 0,1 отсто, се вели во извештајот на Светска банка за овој регион.

„Поради наглиот пораст на потрошувачките цени, особено храната и енергијата, просечната годишна стапка на инфлација достигна 15,9 отсто на крајот на 2022 година на пазарите во развој и земјите во развој од Европа и Централна Азија, што претставува највисоко ниво во изминатите 20 години како и највисока стапка забележана меѓу сите региони во развој“, велат од Светска банка, додавајќи дека пред 2021 година просечната инфлација во регионот била четири проценти.

Економијата на Украина ќе забележи раст од 0,5 отсто по огромниот пад од 29,2 отсто минатата година. Тие потсетуваат на неодамнешните проценки на Светската банка дека трошоците за обнова и закрепнување на Украина сега достигнаа 411 милијарди долари, што е повеќе од двојно од вредноста на украинската економија во 2021 година, пред избувнувањето на војната.

Исто така, земјотресите во Турција предизвикаа штета од околу 34,2 милијарди долари или четири отсто од БДП на земјата.

СБ укажува на штетното влијание на инфлацијата врз стандардот, особено на посиромашниот дел од населението. Утврдено е дека за најсиромашните 10 проценти од граѓаните инфлацијата е за два процентни поени повисока отколку за најбогатите 10 проценти.

Таа разлика надмина пет процентни поени во некои земји од регионот во кои е и Македонија, Молдавија и Црна Гора.

„Инфлацијата ја намалува реалната вредност на доходот на поединците – а високата инфлација има далеку поголемо влијание врз најсиромашните отколку врз најбогатите сегменти од населението“, рече Ивајло Изворски, главен економист на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија.

„Со цел подобра заштита на ранливите групи и стимулирање на растот, при изготвувањето на јавните политики треба да се земат предвид различните ефекти на инфлацијата врз населението со различни приходи и да се користат попрецизни индикатори за мерење на реалните трошоци што ги трпат најсиромашните поради високите цени“, додаде Изворски.

Доколку разликите во стапките на инфлација со кои се соочуваат домаќинствата не се земат предвид при дефинирањето на јавните политики, поддршката за ранливите групи лесно може да биде несоодветна, а таквите мерки може да се покажат како неефикасни и недоволно ефективни, се наведува во извештајот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП