„Стабилноста на курсот на денарот и во текот на последната криза се покажа како сидро на стабилноста во домашната економија. Стратегијата на фиксен девизен курс спречи поголеми инфлациски притисоци, а придонесува и кон одржување на финансиската стабилност со оглед на релативно високата евроизација во кредитното портфолио на банкарскиот систем.“ Ова беа дел од пораките на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Тркалезната маса на гувернери, во рамките на Регионалниот состанок на гувернери, којшто се одржува во Опатија, Хрватска.
На тркалезната маса на гувернери на тема „Фатени во виорот: монетарните политики и малите отворени економии во услови на висока инфлација 2.0“, покрај гувернерката на Народната банка, учествуваа Борис Вујчиќ, гувернер на централната банка на Хрватска, Боштјан Васле, гувернер на централната банка на Словенија, Сенад Софтиќ, гувернер на централната банка на БиХ, Радоје Жугиќ, гувернер на централната банка на Црна Гора, како и универзитетскиот професор Саша Дрезгиќ, декан на Економскиот факултет во Риека. Гувернерите врз основа на своите искуства зборуваа за монетарните политики во услови на инфлациски раст, како и за просторот за делување на централните банки на помалите отворени економии во услови на глобални инфлациски шокови. По излагањата на панел-дискусијата, гувернерите одговараа и на прашања од студентите кои присуствуваа на настанот.

